15/10/2024
ИнтервјуОхрид

Кои се желбите на охридските пратеници во Новата 2017 година?!

Последните денови од старата година ги користиме за да се потсетиме на годината што изминува, но и да си посакаме уште поубави желби во Новата година која ни претстои. 

Какви се предновогодишните размислувања и кои се желбите на четворицата пратеници од Охрид, Жаклина Лазаревска и Томислав Тунтев од СДСМ, Љубен Арнаудов и Сашо Василевски од ВМРО-ДПМНЕ, дознаваме од одговорите на следните прашања кои им ги поставивме:

  • По што ќе ја паметите годината која измина?
  • Што очекувате, кои се вашите желби во Новата 2017 година?
  • Вашата порака до граѓаните на Охрид и Македонија?
  • Каде ќе ја дочекате Новата година?

Жаклина Лазаревска

2016 беше тешка, турбулентна година, исполнета со многу настани во светски но и наши рамки. Во светот се’ беше подредено во знак на бегалската криза, терористичките напади во европските центри, шокот наречен Brexit како последица на ЕУ референдумот во Англија, претседателските избори во САД, природните непогоди (поплави и земјотреси) и смртта на многу светски познати личности (истражувањето на BBC покажуваат дека до 19 декември 2016 година се починати 43 славни личности). Во Македонија имаше големо граѓанско разбудување и сплотување изразено преку демонстрации на граѓаните од различна национална, етничка и верска определба во сите градови на Македонија во знак на протест против амнестијата на Председателот Иванов. Највпечатлив момент од тие настани секако дека се: ШАРЕНАТА РЕВОЛУЦИЈА и паролата НЕМА ПРАВДА, НЕМА МИР со која граѓаните ја искажуваа својата определба за праведно, демократско и слободно општество во кое сакаат да живеат. 2016 година ќе ја паметам и по мојата заложба во Советот на Охрид да работиме во интерес на граѓаните, по моите бројни дискусии кои од душа и срце им ги посветувам на обичните граѓани од град Охрид. И конечно на крајот од 2016 година се случија предвремените Парламентарни избори во кои зедов и лично учество како кандидат за пратеник од СДСМ во ИЕ 5 при што особен впечаток во кампањата ми оставија бројните средби со сограѓаните, разговоите со нив и нивните едноставни желби и барања. На овие избори народот во огромно мнозинство се одлучи за промени и подобар живот односно граѓаните избраа ЖИВОТ ВО МАКЕДОНИЈА, што за мене е логична последица на се’ што се случуваше во текот на 2016 година и годините наназад.

Во Новата 2017 година очекувам промени во позитивна насока, а посакувам мир, спокојство, подобар живот за сите граѓани во Македонија, стабилизација на државата, конечно доаѓање на слободата и враќање на насмевката на лицата на нашите граѓани, малку подобра економска и социјална политика, создавање услови за нормален живот во нашата држава. Посакувам среќа, здравје и убави моменти за сите нас… Посакувам да нема поделби по било која основа и секој да биде свесен дека не треба на другиот да му го прави тоа што не сака на него да му го направат. И конечно посакувам да почнеме да живееме во една нормална, европска држава, Република Македонија рамноправна членка на ЕУ и НАТО!

Мојата порака до сите граѓани во Охрид и Македонија е дека јас како Пратеник во Собранието на Република Македонија ќе работам во интерес на сите, ќе бидам гласноговорник на нивните желби и потреби и воопшто нема да се штедам во моето залагање во создавање Законски услови за подобрување на економијата, образованието, социјалната и здравствената заштита во државата. Ќе се залагам за квалитетен живот на сите граѓани затоа што за мене сите се важни! Ќе учествувам во донесување на Закони за професионално и независно работење на сите државни институции. Секоја моја одлука ќе биде донесена во интерес на граѓаните на Охрид и Македонија.

Дочекот на Новата 2017 година за мене претставува надеж, желба и верба во нова посветла иднина. Како и секоја година годиниве наназад ќе ја дочекам во Охрид во кругот на моите драги роднини и пријатели овој пат во хотелот Метропол.

НЕКА НИ Е СРЕЌНА, БЕРИЌЕТНА, ПОУСПЕШНА, ПОСПОКОЈНА, ПОДОБРА НА СЕКОЕ ПОЛЕ НОВАТА 2017 та ГОДИНА!

Томислав Тунтев

Охрид во 2016 година, за жал, повторно ќе го паметам по хаосот во сообраќајот во стариот дел од градот во летниот период, по несносната бучава во ноќните саати од прегласната неквалитетна музика во некои угостителски објекти, како и по негрижата, загрозувањето и уништувањето на нашето природно, културно и историско наследство.

Најзначајниот настан во 2016 година за Македонија беа вонредните парламентарни избори на 11 декември, на кои мнозинството од граѓаните се изјаснија за промени, за живот во нормална држава, за владеење на правото, за слобода и правда, за рамноправност, единство и сплотеност, за практикување на универзални цивилизациски демократски вредности. Овие избори го означија крајот на погубните политики на поделби по било кој основ. Режимот почна да се демонтира со пенкало и глас. Со овие избори се направи првиот и најзначајниот чекор кон неминовната нормализација и демократизација на Македонија.

Неколку значајни глобални светски настани ја одбележаа 2016 година: претседателските избори во САД, BREXIT во Велика Британија и напуштањето на ЕУ, политичките немири во Турција и тешките и катастрофални последици потоа, Олимписките игри во Бразил, процесот на брзата ратификација на меѓународниот договор за климатските промени од Париз, неколку безумни терористички напади ширум светот, како и загубата на неколку светски великани – Дејвид Боуви, Принс, Џорџ Мајкл, Мухамед Али, Фидел Кастро.

За доброто на Охрид, во 2017 година очекувам конечно да се покренат и реализираат сериозни и одржливи проекти за трајно да се заштити нашето природно, историско и културно наследство; како и да бидат реализирани барем дел од ветените приоритетни капитални проекти што се од есенцијална важност за подобрување на квалитетот на живеење во Охрид.

За доброто на Македонија, во 2017 година очекувам да се спречи понатамошното масовно иселување и заминување на граѓаните од Република Македонија, посебно на младите стручни и образовани кадри; очекувам по подолго време конечно да почнат да се нормализираат работите во државата, да се ослободат државните институции од стегите на режимот и да завладее правото и правната држава. 2017 година ќе биде година на живот, во Македонија.

Во 2017 година посакувам конечно да почнеме да живееме во нормална држава, каде што законите важат исто за сите и не се спроведуваат селективно; каде што тие што размислуваат различно од власта не се малтретирани, заплашувани и уценувани; каде што јавното мислење не го формираат неколку ангажирани и корумпирани медиокритети маскирани во новинари и уредници; каде што луѓето не се срамат или плашат од погубните политики на власта; каде што претседателот на државата не аболицира криминалци од најлош вид; каде што политичарите не употребуваат говор на омраза; каде што луѓето одат на гласање без да се плашат за своите работни места; каде што студентите не се заплашуваат со гумени куршуми кога сакаат да го кренат својот глас и да ги одбранат своите права; каде што младите не се иселуваат масовно преку граница; каде што за вработување се оди на интервју, а не во партиски штабови; каде што пријателите и колегите не се расправаат меѓусебно поради различна партиска, верска или етничка припадност; каде што луѓето се поважни од спомениците, фасадите, врбите и панорамските тркала; каде што турските серии и српските турбо-фолк естрадни приредби не се задолжителни сенародни уроци.

Порака до Вашите почитувани читатели: тоа што Ви беше најдобро во 2016 год. да Ви биде најмалку добро во 2017 год.

Новогодишните празници ќе ги прославам во Охрид, во кругот на семејството и најблиските пријатели.

intervjuljubenarnaudovЉубен Арнаудов

Годината која измина беше прилично турбулентна во политички аспект со оглед дека токму во 2016 година се одржаа најзначајните избори за парламентарен состав воопшто во Република Македонија.Токму тоа прави и покрај професионалните ангажмани кои беа секојдневни и доста обемни сепак насоката на размислување и акцентот да се стави токму на Изборите. Се разбира изборнот циклус за мене има уште поголемо значење поради фактот што само месец дена од изборниот циклус бев поставен за Претседател на ОК ВМРО ДПМНЕ Охрид за потоа во самиот изборен циклус да бидам и кандидат за пратеник на 4 место од изборната единица бр. 5. Се разбира изборите поминаа во фер и демократски тек, а токму ОК ВМРО ДПМНЕ Охрид успеа во своите победнички намери. Сатисфакцијата е премногу голема кога гледате дека во оваа 2016 година сте имале толку многу успеси и на професионален план како Директор на Општата Болница во Охрид каде имаше многу нови вработувања, нова опрема, нови специјализации и како Претседател на ОК ВМРО ДПМНЕ Охрид кога се издвои победа на парламентарните избори и како кандидат за пратеник, а сега веќе и како пратеник во собранискиот дом на Република Македонија. Тоа се основите по кои несомнено ќе ја паметам 2016 година.

Она што го посакувам е пред се е една мирна година во Република Македонија, исполнета со многу успеси на сите полиња. Она што јас можам да го ветам е дека ќе се заложам според мојот пратенички статус да посветам повеќе внимание на народот, на луѓето на кои им се потребни искрени одговори и заложби. Јас сум избран од народот и очекувам барем дел од нивните очекувања да ги исполнам во 2017 година нормално во рамките на можностите.

Охрид е мој град и мое секојдневие, а охриѓани се моите сограѓани со кои секојдневно сум во непосреден контакт, дали службено, дали приватно. Она што сакам да им порачам на Охриѓани дефинитивно е да го почитуваме ова рајско место за живеење, да ги почитуваме културно-историските аспекти на Охрид и пред се секојдневието на моите сограѓани да им е исполнето со здравје, среќа и љубов. Тоа се главни двигатели на животот. Исто така тоа им го порачувам и на сите Македонци со оглед дека Македонија несомнено е света земја која мора да ја почитуваме и сакаме.

Традиционално, Новата година ја дочекувам во мојот дом со мојата сопруга Вера и мојот син Дарко. Сметам дека во прекорачувањето кон Новата година треба да се биде токму со најмилите, со семејството и веќе ваквиот принцип во нашето семејство е традиција која ја негуваме со години наназад.

Сашо Василевски

Дефинитивно политичките случувања се она по што ќе ја паметам 2016 година. Како дел од сега веќе изминатиот парламентарен состав, но и како дел од новиот парламентарен состав од политичката партија ВМРО ДПМНЕ можам да констатирам дека 2016 година донесе многу настани, случувања, и сите тие се одразија врз секојдневното живеење. Но со изборниот циклус кој се случи при крајот на оваа година дефинитивно сметам дека 2016 година е значајна за завршеток на една наметната политичка криза и започнување на еден многу подобар период за сите нас. Затоа можам да констатирам дека 2016 година ќе ја паметам како година во која се направи разрешница на еден многу тежок период за Република Македонија.

Во 2017 година веќе треба да се трасира патот и континуитетот на нови успеси од разрешницата која се направи во 2016 година. Македонија мора да тргне напред кон нови успеси, нови предизвици во корист на секој еден Македонец. 2017 година несомнено ќе биде година во која треба да се решат огромен број прашања преку кои ќе се оди кон прогрес и развој. Со оглед дека сум дел од новиот парламентарен состав несомнено 2017 година ќе биде година со многу обврски и заложби од моја страна, но се може да се издржи доколку се работи со волја и желба за подобро утре за секој од нас. Тоа е мојата желба, несебично да се дадам кон реализација за подобро утре за секој од нас. Се разбира на приватен план приоритет ми претставува поминувањето на многу убави моменти со моето семејство.

Охрид е бисерот на Македонија, а Македонија е бисерот на Европа. Треба да бидеме среќни што сме дел од нив. Но секако пред се мора да се има здравје, благодет, многу радосни моменти исполнети со најмилите. Секој еден Охриѓанец или Македонец нека има радост, љубов, а што помалку неубави моменти. Бидејќи животот навистина се состои од убави и лоши моменти, но нека преовладуваат убавите. Бидејќи тогаш можеме да кажеме дека сме имале навистина убава година.

Новата Година ќе ја поминам во мојот дом со моите пријатели. Пракса која ја наметнавме пред десетина години и која ја практикуваме до ден денес. Мислам дека е многу убаво чувството токму Новата Година да ја поминете со најблиските пријатели, да ги пренесете своите желби и мотиви за наредната година. Сигурен сум дека оваа убава пракса за славење на Новата Година ќе продолжи и понатаму низ годините.

WebOhrid