24/04/2024
Писма/Колумни

Колумна: Египќаните не се Роми, ниту Ромите се Египќани, соработката е неминовна

Драги мои, пред неколку години, потенцирав еден ноторен факт, како одраз на една објективна стварност, дека Автохтони Роми, во Охрид, па и Ресен нема. Во Струга, освен едно влијателно, пријателско настроено семејство, кое никогаш не се „срамеше“ да потенцираат дека се Роми, за што треба јавно да му се честита на гордоста и храброста, да се декларира она што всушност е, другите се припадници на етничката заедница Египќани. Но, тоа никој во минатото не го ни забележуваше, не му даваше до значение, бидејки некои други критериуми, други морални и човечки вредности, имаа „статус“ на приоритетни животни цели.

Денес, за жал, тоа го нема. Денес, многу Египќани, „уморни“ по децениските напори да ги остварат и уживаат своите со Устав загарантирани права и слободи, одлучија да одат на „линија на помал отпор“ и во тој дискурс на т.н. феномен на „криза на идентитетот“ поттикнато од потребата за преживување и обезбедување егзистенцијално право, што патем е еден од носечките човекови права, содржан и во Универзалната Декларација за човекови права, како и од отсуството на Лидерство, кој по дефиниција преставува Предизвикување на процеси, инспирирање за споделена визија, овозможување на другите да дејствуваат и моделирање на патот/Кларк.Д, 1997/, или Храброст и конструктивност при донесување на Одлуки во име на колективитетот, што треба да се направи и ангажирање на другите да го сторат истото/Стјуарт М/ придонесе, повеќемина да се одрекуваат од својот етникум, конкретно Египќанскиот како ненадежен, оспоруван, некорисен и нивно трансферирање во други етникуми, конкретно Ромскиот и Албанскиот, вториот поради сличните јазични, културни, обичајни, традиционални карактеристики. На прв поглед, бенефитите беа очигледни, ефективни и задоволувачки, но на краток рок. Долгорочно, последиците беа неминовни.

Почна процесот на ставање на знак на еднаквост на Ромите и Египќаните. Започнаа проблемите, со враќање на Ромите од граница, но по автоматизам и на Египќаните, бидејќи ги поистоветуваа со нив, и тоа сосема оправдано, бидејќи така сакаа однародените Египќани.

Позиционата поставеност на Ромите на Балканот може да биде причина за загриженост поради, одредени параметри како што се сиромаштијата, но и поради дискриминацијата која е понагласена и во некои од земјите членки на ЕУ: како што се Чешка, Франција, Словачка, Унгарија, Романија, но никако и Република Македонија. Ромите во Македонија имаат солидна институционална интеграција, преку Министер во Владата, Пратеници и претставници во вториот, третиот ешалон, преставници во Судската Власт и.т.н. Што не е случај со Египќаните во Р. Македонија, и тука работите мора да се разграничат. Тоа што основата на проблемот со ромската етничка заедница, во Македонија е суштински комплициран и пенетриран во длабоките слоеви на сиромаштијата и има појдовна акција од истата како и екстремно тешките социјални услови во кои живеат, како што се случаевите, без домови, без средства за основна егзистенција, цели населби без канализација асфалтирани патишта и слично. Но, драги мои, тука не е виновна државата Р.Македонија, туку одговорноста треба и мора да падне на политичките преставници на Македонските Роми како и на граѓанскиот сектор на Ромите, се друго е празна демагогија, и отсуство на чувство на одговорност и благодарност. И, толку за тоа. Аберот и пораките кои ги испраќа Европа се јасни, но и на нив, им е полесно, побезболно да играат на картата на „линија на помал отпор“, а фундаменталната основа на проблемот е токму лоциран во самите членки на ЕУ, преку формите на протерување и дислоцирање на Ромската популација. Во ова ситуација Египќаните во Македонија треба храбро, мудро и аргументирано, да ја одиграат партијата на својот живот и тоа преку:

1. Одлучна дистанцираност од другите етникуми, повикувајќи се на нивната посебност и автохтоност;

2. Демонстрирање на крајна лојалност и доверба кон институциите на системот и конечно;

3. Перманентно, упорно барање за институционална интеграција на Египќаните во Р.Македонија, со максимално користење на сите расположливи правни механизми, но и преку факторот политичка моќ на факторот пријател на Египќанскиот етникум. На тој начин, барем ќе се вратиме на позициите, кои не позиционираа како достоинствен етникум, а тоа е добар стаус, за кој вреди да се вложиме. Овие експерименти, се покажаа погубни за нас, Египќаните.

Не смее да се заборави, кој се, на наш грб се збогати, а ние тоа, со „крв“ го плативме и го плаќаме.

Со почит,

Демир Далип – овластен претставник на Египќаните за надворешна соработка

*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.