29/04/2024
Македонија

Концертна промоција на новиот албум на Влатко Стефановски викендов во Скопје

Викендов во Скопје, (сабота и недела) во Македонската филхармонија од 20,30 часот, гитарската легенда Влатко Стефановски ќе одржи концертна промоција на својот најнов албум „Мајчин јазик“. Ова е 35-ти албум што Стефановски го сними во април 2017 година, а публикуван е од „Кроација рекордс“…

На концертите публиката ќе може во живо да го слушне материјалот од новиот албум, а како специјални гости, организаторот на настаните „Баги комуникации“ ги најавува балканската етно дива Биља Крстиќ, оперска дива Весна Ѓиновска – Илкова, како и атрактивните „Љубојна“.

„Мало интимно парче музика“ е епитетот што Стефановски самиот му го дава на неговиот последен албум и вели дека е снимен за само неколку дена во неговото студио. Сите композиции се снимани „од прва“, така како што тој ги почувствувал во моментот.

Влатко вели дека дваесеттина години го мислел и го мечтаел овој албум, но дека било потребно да дојде вистинскиот момент. Тој момент дошол кон крајот на април и почетокот на мај минатата година, затоа што тогаш бил во едно посебно расположение со, како што вели, „малку засилени емоции“.
Името на албумот е произлезен од темите кои истакнатиот музичар ги свири, а за кои вели дека се неговиот мајчин јазик, и негов печат кон музичкото наследство на нашето поднебје.

Поради големиот интерес, концертната промоција на новиот албум на Влатко Стефановски ќе содржи и трет концерт, на 20 март во Македонската филхармонија.