14/06/2024
Охрид

Левица: Aлармантна состојба во сообраќајот низ Охрид

Партијата Левица ЛО Охрид испрати соопштение до медиумите, во кое стои:

„Додека модерните држави низ различните страни на светот ги реализираат најдобрите сообраќајни решенија (надвозници, подвозници и паметни пешачки премини) кои ја зацврстуваат безбедноста на велосипедистите и пешаците, кај нас ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ низ годините наназад, сообраќајот во државава го претворија во дива зона, а за тоа се доказ секојдневните сообраќајните незгоди и изразеното незадоволството од граѓаните.

За лицата со посебни потреби, инвалиди и слепи лица кои се движат со помагала за одење, оваа ситуација е уште поалармантна.

Доказ за тоа е и дека за неполни 24 часа, на истиот пешачки премин имаше две сообраќајни несреќи.

Иако секојдневно слушаме празни реченици и ветувања, за најсериозните проблеми што ја загрозуваат благосостојбата на Охриѓани, ниту една од најголемите политички партии не дава јасен одговор на прашањето: Во кој правец се движиме? Тие ги премолчуваат прекршоците кои секојдневно ги гледаме од типот на: паркирање на тротоари и пешачки премини, возење со дупло поголема брзина од дозволената, велосипедски патеки препречени со канти за отпадоци и други прекршоци низ урбаната средина.

А до некои подобри времиња, кога ќе се изградат подземни пешачки премини и низ територијата на Македонија, полицијата ќе ги лови и казнува обичните граѓани кои не носат маски и ќе удри по нивниот и онака тенок буџет, а пешаците ќе се снаоѓаат некако, со надеж дека што побрзо ќе им биде овозможено нормално и безбедно движење.“ – стои во соопштението од Левица ЛО Охрид.