29/04/2024
Спорт

Македонија одигра нерешено 1:1 против Молдавија

Македонската А репрезентација одигра 1:1 против против Молдавија на стадионот „Мардан“ во Анталија, Турција. 

Бојан Миовски во 45. минута го постигна голот за водство на нашата репрезентација. На погодокот на Миовски му претходеше удар на капитенот Барди, удар кој голманот на Молдавија го одби до Миовски. 

Со еврогол на Дамашкан во 83. минута, Молдавија израмни на 1:1 за конечен резултат на контролниот натпревар меѓу двете селекции. 

Во 17. минута, македонската репрезентација ја имаше првата шанса на мечот. Барди нафрли во шеснаесетникот, а ударот со глава на Серафимов заврши малку покрај голот на Молдавија. Во 24. минута, молдавците го блокираа ударот на Елмас, а веднаш потоа, непрецизен беше и шутот на Атанасов. Алиоски во 30. минута упати прецизен центаршут кон Ристовски, но нашиот напаѓач со глава шутираше покрај голот. 

Молдавија во 41. минута ја имаше својата најдобра прилика во првото полувреме, но ударот на Моцпан го одбрани Димитриевски. 

Во второто полувреме, Македонија отвори многу подобро од противникот. Одлична шанса во 56. минута имаше Милан Ристовски, но откако убаво се ослободи од одбранбениот фудбалер, шутираше за малку покрај голот на Молдавија. Две минути подоцна по наш корнер се обиде и Илјазовски, но внимателен беше гостинскиот голман. 

Елиф Елмас во 76. минута по одлично проигрување со Митровски шутираше од добра позиција, но повторно одбрани гостинскиот голман. 

Во 83. минута, еврогол на Витали Дамашкан. По нафрлување од десната страна, напаѓачот на Молдавија со прецизен волеј удар го совлада Димитриевски за 1:1. 

1. Столе Димитриевски, 2. Ахмет Илјазовски, 4. Никола Серафимов, 6. Висар Муслиу, 7. Елиф Елмас, 8. Езѓан Алиоски (46 Бојан Димоски), 10. Енис Барди (46 Димитар Митровски), 11. Дарко Чурлинов (63 Тихомир Костадинов), 19. Милан Ристовски (63 Агон Елези), 20. Бојан Миовски (76 Лирим Ќамили), 21. Јани Атанасов; 

23. Доријан Раилиан, 2. Олег Реапчук, 4. Владислав Бабогло, 5. Вачеслав Посмак, 7. Артур Ионица, 8. Никита Моцпан, 13. Максим Кожокару, 14. Артур Кречук, 17. Вирчиау Постолаки, 22. Вадим Раца, 26. Виктор Мудрак; 


WebOhrid / 22.03.2024 / ФФМ