Македонија слави 27 години самостојност – Отпочнаа активностите за прослава на Денот на независноста

Со положување свежо цвеќе на вечните почивалишта на претседателите Киро Глигоров и Борис Трајковски, на градските гробишта Бутел и на споменикот на Ослободителите на Скопје, во дворот на Владата на Република Македонија, како и со посетата на спомен домот, родната куќа на родоначалникот на современиот македонски јазик Блаже Конески во Небрегово, прилепско, денеска отпочнаа владините програмски активности во рамките на одбележувањето на празникот „Ден на независноста на Република Македонија – 8 Септември“.

На Градските гробишта Бутел, на вечните почивалишта на претседателите на државата Киро Глигоров и Борис Трајковски, венци со свежо цвеќе положи и почит кон споменот на претседателите оддаде владина делегација што ја предводеше Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, во придружба на Заменик претседателот во Владата на РМ задолжен за европски прашања д-р Бујар Османи, и Зорица Апостолска, министеркa без ресор задолжена за странски инвестиции.

Владина делегација во состав Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика, Рената Дескоска, министерка за правда, и Аднан Ќахил, министер без ресор задолжена за странски инвестиции, положи свежо цвеќе на споменикот на Ослободителите на Скопје, во дворот на Владата на Република Македонија.

И на вечните почивалишта на претседателите Глигоров и Трајковски, како и на споменикот на Ослободителите на Скопје, во дворот на Владата на Република Македонија, венци со свежо цвеќе положија и многубројни други делегации како на Претседателот на Република Македонија, на Собранието на РМ, на АРМ, на Сојузот на борците, на дипломатскиот кор, како и на општествени институции и организации и политички партии.

Делегација на Владата на Република Македонија составена од министерот за култура Асаф Адеми, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, и од заменик министерот за локална самоуправа Дејан Павлески, со посетата на спомен домот, родната куќа на Блаже Конески во Небрегово, прилепско, му оддаде почит на родоначалникот на современиот македонски јазик.

Централната свеченост по повод одбележувањето на Денот на независноста на Република Македонија продолжува вечерва со културно-забавна програма во дворот на владата, во рамките на која свое обраќање ќе има и премиерот Зоран Заев.  
Република Македонија, денеска одбележува 27 години самостојност и независност, по успешно спроведениот Референдум што се одржа на 8 септември 1991 година, а на кој над 95 проценти од граѓаните се изјаснија за самостојна и суверена држава.

По 27 години независност, Република Македонија, останува посветена на сочувување на вредностите и продолжува гордо, во остварувањето на стратешките цели, да биде дел од Европската унија и НАТО, дел од европската заедница и држава рамноправна со најсилните земји на светот, членки на НАТО.