26/04/2024
Македонија

На македонскиот пазар нема небезбедно месо од Белгија

На македонскиот пазар не е реализиран узвоз на небезбедно месо од белгиска компанија Валомел, која според пишувањата на некои медиуми, наводно извезувала небезбедно месо на косовскиот пазар. Како контакт точка на Системот за брзо предупредување за небезбедна храна и храна за животни на Европската унија, Агенцијата за храна и ветеринарство досега нема добиено нотификација дека оваа белгиска месна индустрија има пласирано небезбедно месо во Република Македонија.

Во земјава од Белгија, од други месни индустрии, во првите два месеца од годинава увезени се 228.860 килограми месо и преработки од месо, а во 2017 година, извршен бил увоз на 928.570 килограми.

Месото и преработките од месо кои се увезуваат во Република Македонија се безбедни. Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство вршат задолжителна контрола на секоја увозна пратка на граничните премини. Контроли се вршат и при истовар на увезените пратки. Покрај задолжителниот преглед на документацијата, се прави и преглед на идентитет и физички преглед на пратките.

Во рамки на мониторинг програми и при сомнеж, од пратките месо кои се увезуваат се земаат и мостри за анализа. За истите не се дозволува увоз, односно истите се ставаат под надзор, се додека не се добијат резултатите од направените лабораториски анализи со кои се потврдува дека пратката е безбедна.

Во случај на позитивни резултати од лабораториските анализи, пратката се враќа во земјата на потекло или нештетно се уништува во присуство на официјален инспектор.