06/11/2024
Македонија

Николовски: Со измените на Законот за вино до развој на малите винарници, зголемено производство и извоз на вино

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска во Кавадарци имаше работна средба со лозари во Кавадарци. На средбата се разговараше за измените и дополнувањата на Законот за вино, како и за останатите активности на МЗШВ за развој на лозарството и предлозите на лозарите. Министерот Николовски посочи дека со измените и дополнувањата на Законот за вино ќе се создадат услови за развој на малите семејни винарници, ќе се воведат нови вински производи, што ќе придонесе и за поголеми приходи за винарските визби и за лозарите, поголем извоз на вино и девизен прилив.

„Лозарството е стратешка извозна гранка и веќе има позитивни резултати, лани имаме зголемен извозот на флаширано вино за 9 отсто и зголемен извоз. Денеска со лозарите разговаравме за измените на Законот за вино кој наскоро ќе влезе во владина процедура кои се во интерес на лозарите. Измените се усогласени со европските регулативи со сите засегнати страни. Дел од измените се однесуваат на воведување на нови вински производи како органско вино и ароматизирано вино, особено е интерес за малите винарници односно за зголемување на производството на вино кај малите винарници. Во измените на законот за малите винарници нема да е потребно вработување на енолог, туку ангажирање со соодветен договор, тоа е едно барањата и го прифативме. Кај физичките лица, тие не мора да бидат со високо образование  како што беше досега, може да имаат средно земјоделско училиште. Со низа на измени во Законот за вино го поттикнуваме производството, малите винарници,  физичките лица кои може да произведуваат и да продаваат, а со тоа ќе се зголеми целокупното производство и извозот“, изјави министерот Николовски.

При тоа министерот посочи дека сите мерки што се преземаат се во насока на развој на оваа гранка. Пред почетокот на новата производствена реколта, лозарите ги добија субвенциите за основната мерка за одржување на лозови насади. Се исплатија  9 милиони евра на 15.208 лозари. Развојната категорија на лозари добиваат повисоки субвенции од 20 отсто за одржување на лозови насади, се воведе нова субвенција од 12.000 денари по хектар за реконструкција и промена на сортименот, а минатата година се воведе дополнителна мерка од 1 денар за предадено грозје за сортите вранец и смедеревка. Минатата недела Платежната агенција исплати 77 милиони денари на 2.048 лозари по основ на долгот што винарските визби го имаат кон лозарите за предаденото грозје во периодот од 15 август 2014 година до 15 ноември 2016 година. Решивме еден долгогодишен проблем што ги тиштеше лозарите, ги вративме назад парите кај лозарите за да можат повторно да инвестираат во лозовите насади.