29/03/2024
Македонија

Одлуката за „замрзнување“ на цените на прехранбени производи може да ја продлабочи кризата

Здравствено-економската криза која трае веќе две години предизвика сериозно засегање на стопанството, а претпријатијата ги доведе во ситуација на тешко одржување на финансиска стабилност и на деловна активност. Надминување на состојбите е единствено можно со адекватни, добро испланирани и таргерирани мерки, кои ќе се дефинираат во блиска комуникација со реалниот сектор. Парцијалните решенија кои се носат без соодветна анализа и не се во корелација со други мерки, како што е Одлука за определување на највисоки цени на основни прехранбени производи во трговијата на големо и трговијата на мало, уште повеќе ќе ја нарушат тешката состојба во која се наоѓаат претпријатијата и ќе предизвика дополнителни проблеми за граѓаните меѓу кои и ограничување на пристапот до основните животни намирници.   

„Одлуката за ограничување на цените на одредени производи за даде позитивен ефект потребно е да биде донесена во корелација со други мерки. Прво потребно е влезните инпути во сите компании да се стабилизираат, односно суровините и репроматеријалите конкретно во прехрамбената индустрија да се овозмозможи да имаат соодветна минимална цена. Тоа може да се направи преку активирање на државните стокови резерви по одредени стабилни цени за периодот во кој одлуката за ограничување на цените е на сила. Потребно е и стабилизирање на енергенсите во рамка во која државата  би гарантирала одредени цени на електричната енергија и на гасот, од кои значително зависи висината на цената на производите. За да се донесат мерки кои ќе дадат позитивни резултати, неопходно е тие да бидат креирани со активно учество на бизнис заедницата“, истакна Горан Георгиевски, потпретседател на Агро-бизнис комора.

Доколку не се постапи согласно препораките кои ги дава Агро-бизнис комората, ограничувањето на цените директно ќе предизвика ефект на „празни полици“ во снабдувачките центри насекаде низ државата.

„Имено во дадени услови на многукратно зголемени трошоци на инпутите во производните процеси, а при забрана за зголемување на цените на крајните производи единствено можно решение е прекин на производството и отпуштање на вработените. Исто така можно е и стимулирање на сивата економија, бидејќи во неможност производите да се набават по регуларен пат граѓаните ќе бидат принудени да ги набавуваат на друг начин што ќе донесе и до формирање на цени кои се многу повисоки од реалните но ќе предизвика и несигурност во квалитетот на производите“, изјави Георгиевски и додаде дека наместо за замрзнување на цените треба да се размислува за замрзнување на маржите, бидејќи тоа е она што во вакви услови може да спречи нереално зголемување на цените.

Претседателот на Агро-бизнис комора, Огнен Оровчанец додава дека за долгорочно стабилизирање на пазарот на храна, треба да се имплементираат и долгорочни мерки, како што е формирање на една надлежна државна институција.

„Сега надлежностите се поделени меѓу Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство како примарно, Министерството за економија во однос на економските мерки и политики и Агенцијата за храна и ветеринарство и Министерството за здравство како надлежни за безбедноста. Но секојдневната пракса покажува дека овие институции функционираат без меѓусебна поврзаност и координација, а при тоа никој не сноси одговорност за пропустите кои секојдневно се случуваат и од кои претпријатијата трпат штета. Одговорноста едноставно се префрла од еден на друг, без при тоа да се најде решение за проблемите кои постојат. Затоа сметаме дека е неопходно да постои едно министерство за храна, кое ќе биде целосно надлежно за сите прашања поврзани со оваа проблематика. Така ќе имаме системски и инклузивен пристап во регулирање на оваа значајна област, кој на граѓаните ќе им гарантира пристап до квалитетни прехранбени производи по реални цени. Ова барање Сојузот и Агро-бизнис комората досега неколку пати го има јавно истакнато, но веруваме дека состојбата во која се најдовме поради кризата уште еднаш ја апострофира неговата важност“, истакна Оровчанец.


WebOhrid / 07.12.2021 / Сојуз на стопански комори на Македонија