29/03/2024
Охрид

Одржана јавна расправа за новата студија за сообраќај во централното градско подрачје

Во просториите на општина Охрид, денес, се одржа јавна расправа за организирањето на сообраќајот во централното градско подрачје во летниот период. За таа цел локалната самоуправа ангажира компанија која изработи неколку идејни проекти за движењето на сообраќајот во централното градско подрачје.

Идејните решенија предвидуваат организирање на еднонасочен сообраќај на одредени улици, поставување на мини кружни токови и велосипедски патеки. По завршувањето на презентациите од страна на изработувачот на идејните решенија, следуваа прашања и идеи од присутните.

Најчесто поставувани прашања беа за движењето на сообраќајот во Стариот дел на градот. Од страна на изработувачот на студиите на присутните им беше посочено дека постојат варијанти за ограничување на движењето за жителите кои не живеат во тој дел на градот.  Исто така, присутните се интересираа доколку дојде до затворање на улицата „Кеј Македонија“ за сообраќај во летниот период, дали ќе се намали нивото на услугата што ја нудат угостителските објекти. Од страна на изработувачот, беше истакнато дека според пресметките можно е минимално намалување на нивото на услуга, но со таквиот потег значително се зголемува безбедноста во сообраќајот особено во летниот период каде движењето на пешаци и велосипедисти е зголемено.

Како најадекватно решение беше издвоена варијантата која што предвидува редуцирање на моторниот сообраќај во централното градско подрачје.