21/05/2024
Спорт

Охрид домаќин на првиот Меѓународен кошаркарски турнир

Градоначалникот, Кирил Пецаков присуствуваше на официјалниот почеток на Првиот Меѓународен Кошаркарски турнир што до 12 мај се одржува во Охрид.

Во натпреварувачкиот дел ќе учествуваат осум екипи од земјава и странство, а меѓу нив и кошаркарите од ГКК Охрид.

-Почитувани организатори на првиот меѓународен кошаркарски турнир Охрид (У 15),  почитувани учесници од осум екипи, драги охриѓанчиња  кои не претставувате во натпреварувачкиот дел, ценети присутни.

Огромно е задоволството да се биде домаќин на овој голем тридневен спортски настан на кој учествуваат млади талентирани кошаркари од земјава и странство кои сум убеден дека за неколку години ќе бидат дел од светската спортска елита и ќе соборуваат светски рекорди.  

Спортските успеси не се само гордост на спортистите, тие се гордост на земјата која  ја претставуваат, на сите нас. Токму затоа ми е особено драго што денес за прв пат, со поддршка на Локалната самоуправа се организира еден ваков голем спортски настан во нашиов град.

Со овој настан испраќаме порака за  афирмација на спортот и создавање на уште подобри услови за негов развој. Ваквите случувања  повлекуваат со себе и повеќе посетители и гости пред почетокот на летната туристичка сезона и развој на спортски туризам.

Со незапирливиот спортски дух, нашите спортисти победуваат, освојуваат награди и трофеи,  а ние сме тука да ги бодриме и да ги мотивираме за уште поголеми успеси.

Верувајте, во ваквите спортски настани не е битно кој ќе е најдобар. “Победи ако можеш, изгуби ако мораш, но не се откажувај никогаш.  Зошто упорноста може да го претвори падот во неверојатно достигнување.“

Живееме  во време со  многу предизвици. Живееме во хиперповрзан Свет на глобална и динамична економија, изложена на постојани промени и неизвесности. Сето  ова стресно влијае на сите нас, и токму затоа сметам дека вакви спортски случувања  ни се повеќе од неопходни. „Актерите“ во спортот  ја јакнат физичката и психичката кондиција, а во исто време се рекреираат и забавуваат. Општина Охрид дава поддршка и има значаен удел во голем број спортски приказни, така ќе биде и во иднина- рече градоначалникот Пецаков.

Натпреварите ќе се одржуваат во СРЦ „Билјанини извори“.


WebOhrid / 10.05.2024 / Општина Охрид