19/04/2024
Охрид

Општина: За разлика од нивниот растреперен и несигурен збор, зборот на новата Локална самоуправа има тежина и се исполнува

Општина Охрид испрати реакција до медиумите во врска со денешната прес-конференција на претседателката на ОО на СДСМ Охрид. 

„Не треба да си никаков експерт за да процениш кога некој лаже. Треперењето на гласот при изнесувањето на лаги на претседателката на СДСМ е доволен доказ дека и сама таа не верува во тоа што го говори.

Изминаа 365 дена откако новата Локална власт го презеде менаџирањето на Општина Охрид, јавните претпријатија и училиштата. Од затекнатата пред се финансиска состојба и најопимистите се фрапираа. Новото раководство на Општина Охрид, не само што не се откажа туку напротив започна со силно темпо за санација на тешката состојба во општината, претпријатијата и училиштата. Иако без никаква поддршка од централната власт, успеа да исплаќа стари долгови, а притоа да не генерира нови. За прв пат имаме училишта кои новата учебна година ја започнуваат со НУЛА денари долг и обезбедени сите услови за непречено одвивање на наставата. Јавните претпријатија и покрај огромните долгови и енормното зголемување на сметките за струја кои благодарение на Владата ги добиваат успеваат редовно да ги извршуваат своите задолженија кон граѓаните и притоа да реализираат нови проекти за добробит  на Охриѓани. За потсетување, членови од сегашното раководство на СДСМ додека директоруваа со јавните претпријатија од Охрид, енормно и без законски си ги зголемуваа платите, нередовно ги сервисираа обврските и од новоформирано претпријатие со НУЛА денари долг во само една година успеаја да го задолжат за 60 милиони денари.

За разлика од нивниот растреперен и несигурен збор, зборот на новата Локална самоуправа има тежина и се исполнува. За само 365 дена изведена е водоводна линија од вкупно 1520 метри, фекални и атмосферски линии од вкупно 3295 метри, асфалтирани се улици со вкупна површина од 14 138м2, поплочени се улици во вкупна површина од 1 550м2 и партерно се уредени делови со вкупна површина од 5 600м2. Изградени се два резервоари за вода кои беа неопходни за граѓаните. Во завршна фаза се две повеќенаменски спортски игралишта. За поголем дел од проектите кои што ги имаме ветено, документацијата е во завршна фаза.

Остваривме средби со меѓународни претставници кои веќе вродуваат со плод. Локалната самоуправа ја отворивме за сите граѓани, а не како во минатото само за ним блиски. Општина Охрид мора и треба да биде отворена општина.

И покрај се сеуште не научивте дека Охриѓани се мудри и имаат многу добра меморија. Тие секојдневно гледаат дека не постои место на територија на Општина Охрид каде не се работи нешто. Поразот на Локалните избори ви следеше откако ги потценавте Охриѓани и мислевте дека уште еднаш со баснословни приказни ќе ги прелажете. Епа не ви успеа и нема да ви успее и во иднина.

Охрид се менува. Охрид чекори напред.  До наредните 365 дена гледајте и учете како се сакаат своите сограѓани.“ – стои во реакцијата од Општина Охрид.


WebOhrid / 08.11.2022 / Општина Охрид