05/12/2024
Спорт

Пандев го постигна првиот гол за Парма

Горан Пандев го одигра вториот натпревар за Парма, а успеа да го постигне и првиот гол за неговиот тим.

Парма на домашен терен го пречека последнопласираниот тим во Серија Б, тимот на Порденоне. Иако тимот на Пандев губеше со 0:1 по првите 45 минути, токму Пандев беше клучната замена на почетокот од второто полувреме кој го постигна израмнувачкиот погодок во 55 минута, а асистираше и за вториот гол во 67 минута. Парма веќе во 69 минута успеа да постигне уште еден гол за предност од 3:1. Тренерот на Парма, Џузепе Јакини сметаше дека работата тука е веќе завршена и во 71 минута го замени Пандев, за да го зачува за следниот, доста поважен натпревар во вторник (15 февруари), во гости против Кремонезе, тим кој моментално се наоѓа на второто место од Серија Б и е еден од директните конкуренти за промоција во Серија А. До крајот на натпреварот Парма успеа да постигне уште еден гол преку замената на Пандев и да го добие овој натпревар со резултат 4:1. 

На 16 рунди до крајот на сезоната во Серија Б, Парма се наоѓа на 11 место, 13 бодови зад првите две места кои носат директен пласман во Серија А, додека пак 3-8 место ќе играат плеј-оф.


WebOhrid / 12.02.2022 / фото: parmacalcio1913.com