04/12/2024
Охрид

Плоштадот Св.Климент Охридски пулсираше во духот на младоста и хуманоста

Плоштадот Св.Климент Охридски во Охрид денес пулсираше во духот на младоста и хуманоста, во боите на Црвениот крст.

На 48-от општински натпревар по прва помош, кој во организација на Црвен крст Охрид денес се одржа во Охрид учениците од основните и средните училишта од Охрид и Дебрца организирани во 9 екипи подмладок и 3 младина се натпреваруваа во укажување прва помош. Преку 70 млади на 5 пунктови низ градот ги презентирање стекнатите знаења, вештини и техники за укажување прва помош. Најуспешни, во категоријата подмладок беше екипата на ОУ Св.Климент Охридски, а во категоријата младина првото место и правото на учество на Државниот натпревар по прва помош, го освои екипата на ОСУ Кирил и Методиј-медицинска паралелка.

За регуларноста на натпреварот и оценувањето на екипите се грижеа 20 судии (лекари, парамедици на Црвен крст Охрид), а за реалниот приказ на сценаријата и „повредите“ на пунктовите се погрижи тимот за реалистички приказ на повредите.

Во овој циклус на подготвока на учениците, со активно учество на менторите од секое училиште и волонтерите-тренери и инструктори по прва помош на Црвен крст Охрид, со најновите знаења, техники и вештини за укажување на прва помош се здобија преку 200 млади.

Во едукативниот и забавниот дел од натпреварот младите ги покажаа своите знаења за движењето на Црвениот крст и танцовите способности.

Црвен крст Охрид изразува голема благодарност до сите волонтери, ментори, инструктори, тренери, судии, до основните и средните училишта и до сите кои ја помогнаа реализацијата на 48-от Општински натпревар по прва помош.