Света архиерејска литургија на Плаошник и свежо цвеќе пред спомениците на Св.Климент Охридски

Денешното празнување на Св.Климент Охридски започна со света архиерејска литургија во манастирскиот комплекс  на Плаошник, со која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј. На свеченоста присуствуваше градоначалникот Кирил Пецаков и претставници на Општина Охрид, кои се поклонија пред моштите на светецот. Пред бројните верници по завршувањето на литургијата се обрати митрополитот Тимотеј.

– Свети Климент и денеска делува и помага на секоја христијанска душа која со вера и надеж искрено ја бара неговата помош. Затоа и легендата во Охрид вели дека свети Климент со фенер ноќно време шета по тесните охридски улици и им помага на оние кои со вера ја бараат неговата помош. По неговите свети молитви, семилостивиот Бог да ги услиши нашите молитви и да ни подари здравје и спасение, сега и во сета вечност – истакна во своето обраќање митрополитот Тимотеј.

Чествувањето продолжи со полагање на свежо цвеќе пред спомениците на светителот во дворот на ОУ “Свети Климент Охридски“ и на градскиот плоштад. На свеченоста беа доделени наградите за најдобри литературни творби, од конкурсот што го распиша Општина Охрид за учениците од основно и средно образование. Наградите им припаднаа на Меланија Ристеска, Мирјана Дејкоска и Јасна Сиљаноска, кои наградените творби ги прочитаа пред присутните гости.