29/04/2024
Дебрца

Потпишани договорите за одобрени проекти од програмата за рамномерен регионален развој

Градоначалникот Ногачески заедно со Директорот на Бирото за регионален развој, Рамиз Реџепи потпишаа два договори со кои општина Дебрца обезбеди средства за изградба на водоводна мрежа за Сл. Чифлик од Програмата за развој на подрачја со специфични развојни потреби и за уредување на улица во село Оровник, од Програмата за развој на села.

Со средства од програмата за рамномерен регионален развој на Министерството за локална самоуправа до крајот на годината ќе бидат реализирани 74 нови проекти за развој на селата и на подрачјата со специфични развојни потреби во 54 општини. Вкупната вредност на проектите е 124 милиони денари, или 2 милиони евра.

Одлуката за финансирање на проектите ја донесува Владата, по претходно спроведена постапка на оценување и усвојување од страна на националниот Совет за рамномерен регионален развој.

Годинава ќе бидат финансирани 35 проекти за развој на селата, во вкупна вредност од 41,3 милиони денари, во сите 8 плански региони. Во Скопскиот регион ќе бидат финансирани 4 проекти, во Југоисточниот 6, во Источниот 5, во Пелагонискиот 3, во Полошкиот 3, во Југозападниот 4, во Вардарскиот 7 и во Североисточниот плански регион 3 проекти. За развој на подрачјата со специфични развојни потреби ќе бидат финансирани 39 проекти во вредност од 82,5 милиони денари.

Со средства од Програмата за рамномерен регионален развој на Министерството за локална самоуправа за 2019 година, веќе се во фаза на реализација и 43 проекти за развој на осумте плански региони, во вкупна вредност од 290 милиони денари.