19/04/2024
Дебрца

Предновогодишна хуманитарна акција за дечињата со посебни потреби од ОУ „Дебрца“

Вечерва во Мешеишта се одржа предновогодишна хуманитарна акција за дечињата со посебни потреби организирана од Форумот на жени на СДСМ Дебрца.

„Вечерашната хуманитарна акција е во организација на Форумот на жени. Оваа предновогодишна акција сакавме да биде една целина од едукативен и хуманитарен карактер. Едукативниот дел го завршивме во понеделникот. На наша покана гостин во Основното училиште „Дебрца“ беше Невладината организација „Перспектива Астерикс“ која што одржа информативни часови на тема „Подигање на јавната свест за децата со посебни потреби“ во Белчишта и во Мешеишта. На мое пријатно изненадување, се помина во одлична атмосфера, децата покажаа голем интерес, а исто така и наставничкиот кадар. Вториот дел од оваа акција се одржува вечерва, односно тоа е хуманитарниот дел каде ги изложивме новогодишните изработки на украси на децата од Основното училиште „Дебрца“, нив ги продаваме вечерва, оние кои што сакаат да дадат свој придонес можат да одберат нешто и да купат.“ – изјави Ана Аврамоска, координатор на Форумот на жени од СДСМ Дебрца.

Собраните средства ќе бидат наменети за децата со посебни потреби од Основното училиште „Дебрца“ од  Општина Дебрца.

„Сметам дека е многу важно да се одржуваат вакви предавања, расправи на вакви деликатни осетливи теми, затоа што многу е важно децата да ги прифатат останатите деца со посебни потреби, а за тоа да се случи мораме да ги едуцираме, да ги подготвиме. Покането е поширокото членство на нашата партија, имаше и јавна покана, секој можеше да присуствува, секој може да го даде својот придонес.“- додаде Аврамоска.

Од Форумот на жени на СДСМ Дебрца велат дека и во иднина ќе продолжат со организирање на вакви хуманитарни акции.

WebOhrid