12/11/2024
Охрид

Премиерот Ковачевски во Охрид го пречека косовскиот премиер Курти

Премиерот Димитар Ковачевски во Охрид оствари билатерална средба со косовскиот колега Албин Курти. Премиерот Ковачевски му посака добредојде и успешни разговори, како важен чекор за консолидација на регионот и неговата европска интеграција.

Премиерот Ковачевски го поздрави учеството на Косово во дијалогот со Србија и во однос на актуелниот европски предлог за нормализирање на односите помеѓу Србија и Косово, заеднички беше заклучено дека е исклучително важно да се вложат сите напори за изнаоѓање решение и забрзување на евро-интегративниот процес, кој е важен за сите земји од Западен Балкан. 

На средбата, Ковачевски нагласи дека Северна Македонија е пример за земја која по пат на добрососедство, дијалог и компромис постигна историски договори кои го трасираа патот на нашата земја кон Европската Унија и НАТО. Токму тој пристап обезбеди членство во НАТО, одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ во јули минатата година, како и целосна заштита на македонскиот јазик, идентитет и македонските идентитетски обележја. 

Премиерот Ковачевски уште еднаш ја реафирмира поддршката на Северна Македонија на евро-атлантските аспирации на Косово и подготвеноста да даде свој придонес во оваа насока.

Ковачевски и Курти се согласија дека воените дејствија и раздори карактеристични за Балканот, треба еднаш засекогаш да станат минато, а регионот да се движи кон напредок, добрососедство и градење на силна економија која значи подобар стандард за сите граѓани.