06/10/2024
Македонија

Премиерот Заев и министерот Бектеши за најновиот извештај на СТО

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, заедно со министерот за економија Крешник Бектеши, денеска,  одржаа прес-конференција на која презентираа  дел од заклучоците на најновиот извештај на Светската трговска организација (СТО), кои покажуваат огромен економски напредок за нашата земја, споредбено, крајот на 2018 со крајот на 2012 година.

Премиерот Заев во своето обраќање, подвлече дека следејќи ги фактите кои покажуваат раст во скоро сите позначајни економски области, нашата држава го избра добриот пат и економијата го следи тој пат.

„Светската трговска организација вели дека Бруто домашниот производ (БДП) во периодот на ревизија, по глава на жител порасна за повеќе од 40 проценти, а невработеноста се намалила од 31% на 18,7%, во 2018 година споредбено со 2013 година. Светската трговска организација констатира дека дефицитот во тековната сметка се намали од 240 милиони евра (3,2% од БДП) во 2012 година на 31,9 милиони евра (0,3% од БДП) во 2018 година. Ова се должи на намалувањето на дефицитот во трговскиот биланс и на зголемувањето на вишокот на балансот на услугите“, информираше премиерот Заев.

Тој исто така, додаде дека во ревизијата на Светската трговска организација е запишано дека нето-приливите на странските директни инвестиции се зголемиле од околу 131 милиони евра во 2012 година на 621,9 милиони евра во 2018 година, што како што истакна премиерот Заев значи дека директните странски инвестиции во Бруто Домашниот производ во 2012 година учествувале со 1,5%, а во 2018 година со 5,8%.

Во оваа насока, подвлече премиерот Заев се и заклучоците на СТО за интелектуалната сопственост, според кои Северна Македонија има напредок од 25 места погоре на Глобалниот иновациски индекс за 2019 година, односно сега нашата земја е на 59-то место, во однос на 84-то од минатата година.

Премиерот Заев се осврна и на наследената состојба во 2017 година, кога како што оцени, Владата наследи економска и финансиска катастрофална состојба, а по добивањето на мандатот, посветувајќи се на низа инфраструктурни проекти, раст на индустријата проследен со раст на просечната нето плата и намалување на невработеноста од речиси 5 проценти.

„Следува инвестициски циклус од околу пет милијарди евра: Проектирани се една милијарда во патишта, над 1 милијарда во железница, над една милијарда во енергетика, со ХЦ „Чебрен“, со далекуводот кон Албанија и со гасоводот, нов Клинички центар, инвестиции во земјоделството и руралниот развој, пречистителни станици за отпадна вода, регионални фабрики за прибирање и обработка на отпад, канализациски  и водоводни системи, училишта и градинки и други проекти за реалните потреби на луѓето“, посочи премиерот Заев за реализациите на Владата во наредниот период.

Министерот за економија Крешник Бектеши, во своето обраќање оцени дека Извештајот на СТО, потврдува дека креираните и имплементираните  политики на Владата даваат резултати и економијата се движи во вистинскиот правец, додавајќи дека веќе се преземаат и мерки за препораките кои биле посочени.

„Првата препорака е зголемување на институционалните капацитети, втората е да се бориме против сивата економија и ние веќе на почетокот на 2019 година презедовме конкретни мерки, како воведување на „Мој ДДВ“ и можноста за враќање на парични средства кај граѓаните и подобрување на нивниот стандард, како и измената за прагот на готовинските плаќања, што е намален на 500 евра. Овие мерки ќе влезат во наредниот Извештај на СТО“, подвлече министерот Бектеши.

Тој, посочи дека Владата ќе продолжи со зголемување на средствата на Буџетот што ќе влијае на квалитетот на животот и стандардот на граѓаните.

„Во Извештајот за трговската ревизија на Северна Македонија, децидно е наведено дека земјата и економски истовремено и политички е стабилна, што е основа за одржлив раст и е наведено дека законите, Законот за енергетика, Законот за поддршка на инвестициите, Законот за акциза и слично, веќе почнале да ги даваат своите резултати и  ние се движиме по таа насока“, рече министерот Бектеши, заблагодарувајќи се на сите институции кои беа вклучени во презентирањето на сите мерки кои ги преземала Владата од 2017 до денес, уште еднаш подвлекувајќи дека ревизијата на трговската и економската политика е најважен извештај на СТО каде се оценуваат вкупната економска и трговската политика и инвестиции, но и показателите за учеството на економските политики во економскиот раст.


Премиерот Заев и министерот Бектеши за најновиот извештај на СТО: Констатиран е огромен економски напредок на крајот на 2018 година, тоа е потврда за квалитетот на креираните политики за силна економска Северна Македонија и подобар живот на граѓаните

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, заедно со министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска одржаа прес-конференција на која ги презентираа дел од заклучоците на најновиот извештај на Светската трговска организација (СТО), кои покажуваат огромен економски напредок за нашата земја, споредбено на крајот на 2018 со крајот на 2012 година.

Во продолжение, Ви го пренесуваме интегрално обраќањето на премиерот Заев:

„Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите,

Нашата држава е на добар пат. Дека е на добар пат најдобро говорат фактите кои покажуваат раст во скоро сите позначајни економски области. Фактите не се политички декларации. Тие се егзактни показатели дека економијата има добар, силен позитивен тренд. Тоа е добриот пат.

Денеска, заедно со министерот за економија ќе ви презентираме само дел од заклучоците на најновиот извештај на Светската трговска организација.

Податоците од Ревизијата на трговската политика на Република Северна Македонија објавена на 15 јули, 2019 од страна на Светската трговска организација покажуваат огромен напредок на нашата земја, споредено крај на 2018 со крај на 2012 година.

Светската трговска организација вели дека Бруто Домашниот Производ во периодот на ревизија, по глава на жител порасна за повеќе од 40 проценти, а невработеноста се намалила од 31% на 18,7% (2013 споредено со 2018 година).

Светската трговска организација констатира дека дефицитот во тековната сметка се намали од 240 милиони евра (3,2% од БДП) во 2012 година на 31,9 милиони евра (0,3 проценти од БДП) во 2018 година. Ова се должи на намалувањето на дефицитот во трговскиот биланс и на зголемувањето на вишокот на балансот на услугите.

Во ревизијата на Светската трговска организација е запишано дека нето-приливите на Странските директни инвестиции се зголемиле од околу 131 милиони евра во 2012 година на 621,9 милиони евра во 2018 година. Тоа значи дека директните странски инвестиции во Бруто домашниот производ во 2012 година учествувале со 1,5%, а во 2018 година со 5,8%.

Тоа се бројките. Тоа се фактите. Тие се неминовни показатели дека економијата ни е на добар пат. Дека Северна Македонија го избра добриот пат.

Затоа Светската трговска организација во ревизијата објавена на 15 јули уште запишала:

Северна Македонија презеде мерки насочени за зголемување на својата атрактивност кон странските инвеститори. Северна Македонија соработува со сите западнобалкански економии за да ги усогласи националните инвестициски политики со регионалните и со стандардите на ЕУ и соодветно на најдобрите меѓународни практики.

Извозот на стоки во 2012 година учествувал во БДП со 30,4%, а во 2018 година е зголемен за 50%, односно извозот на стоки во БДП лани изнесувал 45,5%.

Ревизијата на трговската и економската политика е најважен извештај на Светската трговска организација каде се оценуваат вкупната економска и трговската политика и инвестиции, но и показателите за учеството на економските политики во економскиот раст.

Во оваа насока се и заклучоците на Светската организација за интелектуална сопственост. Во нивниот последен извештај за нашата земја стои дека Северна Македонија има напредок од 25 места нагоре на Глобалниот иновациски индекс за 2019 година. Се наоѓаме на 59-то место, во однос на 84-то од минатата година.

Глобалниот иновациски индекс ги рангира националните економии преку актуелната политичка и бизнис клима во секоја земја, според законодавството, човечкиот капитал, инфраструктурата, софистицираноста на пазарот и според некои други показатели.

Во однос на бизнис климата, Северна Македонија е рангирана на 27-мо место, а во однос на онлајн креативноста на 45-то место од вкупно 129 рангирани земји. Ова е уште еден доказ дека економските политики на Владата ги даваат резултатите, а иновативноста е моторот што ја движи економијата напред.

И повторно ќе констатираме: Тоа се бројките. Тие говорат дека економијата е на добар пат. Дека ова е година на економијата.

Почитувани,

Ќе ми дозволите само со две реченици да се осврнам на наследената состојба во економијата во 2017 година. Не ветуваше многу. Кај стопанствениците постоеше неизвесност, разочараност и безнадежност. Наследивме економска и финансиска катастрофа.

Тоа најдобро го покажува надолниот и негативен тренд на Бруто домашниот производ во вториот квартал на 2017 кога обемот на економијата се намали на минус 1,8 процентни поени.

Следуваше период на стабилизација на економијата, разговори со домашни и странски компании за нови економски политики и нови можности за стопанството, враќање на довербата во правната држава.

Паралелно работевме и на меѓународен план, за создавање на силни партнерства со соседните земји и широко отворање на пазарите за компаниите од Северна Македонија. Склучени беа договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија и спогодбата за надминување на разликите кои ги имавме со Република Грција.

Епилог од овие два договори: Раст на трговска размена со Бугарија во 2018 од 8,2% со раст на извозот од 4,1 проценти во 2019 во периодот јануари-мај. Со Грција во 2018 година трговската размена се зголеми за 15,8%, а извозот порасна за 5,8%. Во периодот јануари-мај 2019 година, меѓусебната трговска рамена продолжи со позитивен тренд од 4,7%.

Со посветена работа и многу остварени состаноци со сите засегнати страни успеавме да ги стабилизираме економските текови и состојби.

Веќе на почетокот на 2019, во првиот квартал, забележан е раст на БДП од 4,1%. Тоа е процентуално највисок квартален раст на БДП од 2017 година.

Тоа е резултат на реалната економија. За Владата е особено значајно што реалниот сектор е носител на економскиот раст. Компаниите растат и се развиваат, се зголемува обемот на нивното производство, се подобрува продуктивноста, расте нивната конкурентност на домашниот и странските пазари.

Бруто инвестициите, во првиот квартал бележат раст од 9,9 процентни поени.

Особено е важно што градежништвото се враќа во вистински колосек и што бележи раст, а позитивниот тренд во овој сектор со сигурност ќе продолжи и понатаму.

Во текот на претходните две години, политиките на Владата го следеа и учествуваа во растот на овие трендови. Рекорден број на компании, над 250, домашни и странски, добија поддршка во 2018 година. По неколку основи, Владата кон стопанството уплати 40,7 милиони евра.

Растот на индустријата е проследен со раст на просечната нето плата и со намалување на невработеноста.

Просечната нето плата во мај 2017 година изнесуваше 22.889 денари, додека денес, во мај 2019 година изнесува 25.270 денари, што е пораст за 10,4 проценти временски период од две години.

Особено е задоволително што позитивниот раст на платите е следен со тренд на намалување на невработеноста, односно зголемениот број на вработени во истиот период.

Прв квартал на 2019 година констатираше рекордно ниска невработеност од 17,8 проценти или намалување за 4,8 проценти од 22,6 проценти, колку што беше невработеноста во вториот квартал на 2017 година.

Државниот Завод за статистика забележа дека во првиот квартал на 2019 година има вработени 789.414 лица, додека во првиот квартал на 2017 година вкупно вработени биле 739.892 лица, што се нови 49.552 вработувања за две години, доминантно во приватниот сектор. Не тоа не се ново-иселени лица, туку тоа се вработени граѓани тука, во нашата земја.

Економијата ќе продолжи со забрзан и одржлив развој. За таа цел Владата планира реализација на низа на инфраструктурни проекти, со цел да се подигне конкурентноста на земјата со подобра поврзаност внатре, но и со соседите.

Следува инвестициски циклус од околу пет милијарди евра: Проектирани се една милијарда во патишта, над една милијарда во железница, над една милијарда во енергетика, со ХЦ Чебрен, со далекуводот кон Албанија и со гасоводот, нов Клинички центар, инвестиции во земјоделството и руралниот развој, пречистителни станици за отпадна вода, регионални фабрики за прибирање и обработка на отпад, канализациски и водоводни системи, училишта и градинки и други проекти за реалните потреби на луѓето.

Создадовме реална економија, економија базирана на реалниот бизнис. Направивме се за да ја оттргнеме политиката од бизнисот и еве ги резултатите, видливи се, доаѓаат. Бизнисот е релаксиран, раздвижен, знае дека може да очекува поддршка од Владата и побрзо да се развива.

Создаваме силна економија, која што е шанса за сите.

Креираме политики за силна економска Северна Македонија, за силни и конкурентни компании, за повисок животен стандард и подобар живот на граѓаните“.