27/04/2024
Охрид

Преработка на песната “We Are The World” посветена на децата со ретки болести

Традиционално веќе неколку години децата од градинките и од основните училишта од општина Охрид во месец ФЕВРУАРИ, месецот посветен на ретките болести со преработка на некој светски музички хит се солидаризираат и ја покажуваат својата емпатија не само кон нивните другарчиња со ретки болести, туку и кон предизвиците со кои тие секојдневно се соочуваат. Песната е креативен начин да се изрази поддршка од страна на група дечиња на лицата кои се справуваат со ретки болести, особено на децата кои боледуваат од некоја ретка болест.

Оваа година во студиото продуцентот Јовица Каралиевски во изведба на К-2 ѕвездичките и детскиот хор Ѓердан од бисери под водство на Татјана Узуноска Тренеска децата од градинките и од основните училишта од Охрид од сè срце учествуваа во преработката на светскиот хит We are the world (Ние сме светот).

За спотот прекрасно да изгледа се потруди продукцијата на Digital Box и Борче Димоски.

Со оваа изведба, децата – изведувачи испраќаат силна порака дека секој од нас треба да направи напори во рамките на своите можности и да понуди опција за поквалитетен живот на лицата со ретки болести, на нивните семејства и да се создаде опкружување во кое луѓето ќе имаат целосно разбирање за предизвиците со кои овие лица постојано се справуваат.

Како што кажува и самиот текстот на хитот, децата се светлата страна на светот и иднината во која постојано треба да се инвестира најмногу труд и време сè со цел напредок на целокупното човештво и човечка заедница. Со многу обоени раце, со многу љубов, со многу насмевки и со прекрасно испеани стихови, чистите детски души уште еднаш покажаа хуманост и поддршка и по кој знае кој пат докажаа дека сите сме исти!

Гордана Лолеска – претседател на здружение Ретко е да си редок Охрид : Со текстот на песната децата ги повикуваат возрасните да им се даде шанса на сите деца да имаат иднина, што за лицата со ретки болести значи, вложување во медицински истражувања и понуда на соодветна терапија која ќе им овозможи на лицата со ретки болести поквалитетен живот и живот без значителни здравствени потешкотии. Како што порачуваат децата, доколку возрасните (институциите) се грижат за децата и децата ќе се грижат да создадат похуман свет во кој ќе стареат возрасните и секако свет во кој секој би имал шанса за многу поубав и поквалитетен живот. Во песничката се вели тука сме само јас и ти“ и одговорност на возрасните, односно институциите и креаторите на политики е да создадат поубава иднина на децата, а децата имаат право да го побараат тоа од нив, без да бегаат од одговорност или да ги оставаат работите за некое ново и поубаво утре”.

Изјава Јовица Каралиевски – продуцент и композитор : “Мојата соработка со Ретките започнува како дел од тимот на ретките на првото издание на Охрид ТрчаТ. Потоа во 2017 година, ја напишав музиката за песната “сите сме исти” за финалистите на талент шоуто Охрид Супер Стар. Оттогаш наваму како аранжер и продуцент на две песни за хорот Гердан од Бисери и многу други активности за промоција и поддршка на децата со ретки болести. Годинава заедно со моите “К-2 Ѕвездички “, на идеја на Гордана Лолеска направивме кавер верзија на легендарната “We are the world” со која ќе пренесеме една силна порака за подршка на ретките.” 

Изјава Татјана Узуноска Тренеска – уметнички раководител КУД”ЃЕРДАН ОД БИСЕРИ : И оваа година, по шести пат детскиот хор при КУД “ЃЕРДАН ОД БИСЕРИ”, се вклучува во кампањата за подигнување на свеста за ретките болести. Нашата поддршка е постојана, детската песна допира длабоко во нашите срца, и секоја година нестрпливо чекаме да ги обоиме рацете и да покажеме хуманост, благородност, искрени детски насмевки и порака дека сите сме исти… дури и кога мислиме дека не сме.

Изјава Борче Димоски – Digital Box : “Кога се работи со деца и за деца секој збор за поддршка што ќе го кажам е малку. Јас само успеав да го извлечам најдоброто од сето тоа што го покажаа на сцена и да го изработам спотот. Всушност децата и нивната енергија ми беа најголема инспирација која постојано ме движи напред кој создавање на еден поубав свет.“