Промоција на книгата „Белиот трофеј“ во кафѐ и бар ШИЛА

Во среда, 15. август од 20:00 до 21:00 часот во кафѐ и бар „Шила“ во Охрид ќе биде промовирана книгата “Белиот Трофеј“ од Блаже Аризанов, основач на стартап-компанијата „Стеј анкл“, една од деветте најпросперитетни индиски компании за 2018 година.

“Белиот Трофеј“, во издание на “ТРИ“, го следи бизнис-патешествието и трнливиот пат кон успехот на Блаже Аризанов, роден во осиромашено семејство во струмичкото село Борисово, кој во 2011 заминува во Индија и по 4 неизвесни години ја основа компанијата Stay Uncle (Стеј анкл), која за кратко време предизвика вистинска револуција во древната земја.

Присутните во среда во “ШИЛА“ ќе имаат прилика лично да се запознаат со авторот и да дознаат од прва рака низ што сè поминува овој млад македонскиот претприемач обидувајќи се да го промовира концептот на хотели за краток љубовен престој во земјата со најголем број млади луѓе во која сексот и отворените врски се сè уште табу.

Со своите радикални маркетинг-методи, преку предизвикување на традиционалните индиски вредности, Блаже Аризанов успеа да сруши многу табуа, но во исто време да разлути многумина и да го доведе својот и животите на своите вработени во опасност. И додека популарните телевизиски канали повикуваа на медиумски линч кон младата компанија, каналот Дискавери си го пробиваше патот низ трошните сокаци за да го пронајде подрумчето од кое тимот ја водеше компанијата за која сакаа да направат репортажа.

Престојниот настан е уште еден во низата квалитетни културни вечери организирани во „Шила“ – концептуалниот бар и кафѐ во срцето на охридската чаршија кој прераснува во вистинска алтернативна арт-сцена во Охрид. Отворени за соработка и споделување на уметноста во секоја нејзина форма, од „Шила“ ги охрабруваат креативците да ги контактираат за промоција на своето дело.