05/03/2024
Охрид

Прво издание на „Eтно фестивал“ во Охрид

Со концерт на етно составот „Монистра“ во Охрид  започна  „ЕТНО фестивалот“ во организација на  здружението  „АРТ пријатели“ од Охрид, а со поддршка на Општина Охрид.  Во име на градоначалникот Кирил Пецаков, за отворен го прогласи советникот Перчо Божиновски.

– Ноќва нашиов убав Охрид добива уште еден фестивал во широката лепеза културни случувања    „Етно Фестивалот“ со кој  на чудесен начин се чувствува спојот  на остатоци од цивилизациите и природните реткости. Со оваа  манифестација  чесно и објективно се вреднува вложената енергија и креативниот напор за создавање трајни вредности и нивно негување и се отвора можност на присутните да се запознаат со значењето на традицијата на ова подрачје која сите ние имаме должност да ја пренесуваме  на нашите поколенија.  На задоволство на сите нас  вечерва во рамки на  фестивалот концерт ќе одржи етно составот „МОНИСТРА“ којшто  годинава  слави јубилеј –  20 години од основањето.  На утрешната фестивалска ноќ преку Ревијата на Македонските традиционални носии од сопствената збирка  на   колекционерот Антонио Стојчески, оддаваме почит на нашите традиции, на  нашите белези кои ги создавале нашите мајки и баби по што  ќе настапат членовите на Државниот  Балетски Музички Училишен Центар „Илија Николоски- Луј“. Промовирајќи ги македонските културни традиции и фолклорот  ние во исто време  ја потврдуваме и нашата македонска гостопримливост и отвореност кон сите кои ги негуваат овие трајни вредности.   Традиционалната музика  и  препознатливите македонски носии како дел од  духовното творештво се еден од најзначајните белези на  националниот и културен идентитет на секој народ. Токму затоа овој културен настан е многу значаен и вреден за сите нас и јас очекувам истиот да добие традиционален карактер. На крај на организаторите  здружението „Арт  пријатели“ од Охрид  и на учесниците им посакувам успешни фестивалски ноќи со желба секое фестивалско издание да биде подобро од претходното, а ние како локална власт  и понатака ќе застануваме зад вакви случувања кои не промовираат во светот- рече Божиноски.

На втората фестивалска ноќ во ЦК „Григор Прличев“ ќе има ревија  на македонски традиционални носии од сопствената збирка  на колекционерот  Антонио Стојчески по што ќе настапат членовите на ДБМУЦ „Илија Николоски – Луј“- насока традиционална музика  и игра.


WebOhrid / 28.04.2022 / Општина Охрид