28/04/2024
Македонија

Се решава проблемот на стечајците – врачени првите решенија за надоместок

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска ги врачи првите решенија на граѓани опфатени со Законот во јавноста познат како „Закон за стечајци“.

Со законот се овозможува месечен надомест од околу 7.500 денари за стечајците.

Со усвојување на овој Закон Владата на Република Македонија излезе во пресрет на долгогодишните барања на оваа категорија граѓани и со него се дава можност за материјално обезбедување на поголем број стечајни работници,,Бројот на досега позитивно решени барања е 1029.Оваа бројка ќе се зголемува, со оглед на тоа што барањата можат да се поднесуваат до септември 2018 година, а и листата на фирми се уште не е затворена.Доколку се воочат бариери за одредена група на граѓани кои спаѓаат во оваа категорија, ќе се направат амандмански измени на овој Закон или ќе се донесе нов.Нашата намера е постепено да ги згрижиме сите кои останале без работа поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата”, подвлече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска пред да им ги врачи решенијата на стечајците.

Со законот се опфаќаат невработени лица на кои им престанал работниот однос во претпријатија со доминантна сопственост на државата после 1 јануари 1995 година, заклучно со 31 декември 2016 година.

Со правото може да се стекне невработено лице ако било најмалку 15 години во работен однос во претпријатија со доминантна сопственост на државата, утврден со М1/М2 обрасци, ако му престанал работниот однос во претпријатие со доминантна сопственост на државата, по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок, доколку на денот на влегувањето во сила на овој закон е на возраст од најмалку 52 години (жена) или 55 години (маж), ако работниот однос му престанал заклучно со 31 декември 2016 година и доколку остварило право на паричен надоместок по 1 јануари 1995 година и кое по остварувањето на правото на паричен надоместок не било вработено на неопределено време, односно работниот однос не му престанал по негова волја и вина.