21/05/2024
Охрид

Сè што треба да знаете пред да купите Тигрица

Во Македонија најбарани и најодгледувани папагали се Тигриците (Melopsittacus undulatus). Пред да купите тигрица, или било каков папагал, треба да ги знаете одговорностите и да знаете како да одберете добра Тигрица.

1. Тигриците живеат долго

Затоа треба да бидете сигурни дека сакате да чувате папагал. Со купување на Тигрица вие се обврзувате за миленик на долго време. Просечен животен век на една Тигрица е околу 10 години, но во многу случаи тие живеат и до 15 години. Во Гинисовите Светски Рекорди пријавен е Чарли кој доживеал 29 години. Се разбира, доколку не му принудите добри услови и не го храните како што треба тој ќе има пократок животен век – но тоа важи за сите живи суштества.

2. На Тигриците треба да им се посвети внимание и време

Најчеста грешка што ја прават сопствениците на папагали е недоволно посветено внимание и време. Чистење на кафезот и давање храна не е доволно за една Тигрица да биде здрава и среќна. На сите папагали потребно е да им се даде внимание секој ден. Не можеме да ви препорачаме точно време бидејќи секој папагал има различен карактер и различни потреби – но сигурно е дека на сите папагали им треба внимание. Треба да ѝ зборувате, да ѝ свиркате, да ја галите доколку сака и да си играте со неа. Било каква позитивна интеракција со Тигрицата ќе има позитивен одзив на неа.

3. Потребна им е посебна исхрана

Сме приметиле кај многу луѓе дека Тигриците ги хранат само со просо и сончоглед. Ова не е добра исхрана за било кој папагал. На папагалите им се потребни различни витамини и минерали. Главна исхрана треба да им биде свежо овошје и зеленчук покрај просото и сончогледот. Препорачани се јаболко, морков, банана, калинка и други овошја и зелечуци, но некои плодови се штетни за папагалите. Наскоро ќе направиме листа од штетни плодови за да ги избегнувате. Во Македонија лесно и евтино може да се најде свежо овошје и зеленчук, па здравата исхрана не треба да е проблем. Плодовите не треба да бидат прскани и секој плод различно се спрема. На пример, семките од јаболкото се штетни за папагалот и ако е прскано препорачано е да се излупат лушпите. Исхраната за тигриците и папагалите е долга тема – ќе напишеме уште многу други постови па следете нѐ.

12345505_992448994135316_3394409979094887122_n

4. Многу лесно се разболуваат

Тигриците се многу осетливи папагали, па доколку се оставени на промаја, на многу ладно или топло место или доколку не се хранат прописно – ќе се разболат. Дури и обичната настинка може да предизвика сериозни проблеми кај Тигрицата, вклучувајќи и смрт. Папагалите можат да се разболат и од депресија или преголема досада. Сите папагали се моногами – тоа значи дека се приврзуваат за еден партнер до крајот на нивниот живот. Ако тигрицата има пријателче и тоа умре или му се оттргне, ќе падне во тешка депресија и таа може да доведе до смрт.

5. Сите папагали имаат различен карактер

Не очекувајте секоја Тигрица да е игрива, позитивна и да сака да се гали. Иако папагалите, посебно Тигриците, се многу друштвени миленици – сите папагали имаат различен карактер. Тоа значи дека може баш вашата Тигрица да не сака да се гали или да биде премногу гласна. Секогаш можете да делувате на ова – посветете ѝ на Тигрицата повеќе позитивно внимание и таа ќе го смени карактерот и однесувањето кон вас.

6. Рачно хранетите Тигрици се попитоми од дивите

Иако дивите папагали се поевтини, тие се научени да бидат со други папагали и не се навикнати на луѓе. Тоа значи дека потешко се припитомува и голема е веројатноста дека нема да сака многу интеракција со луѓе. Но сепак, дури и дивите папагали можат да се припитомат со доволно внимание и нега. Рачно ранетите Тигрици се хранети и одгледувани од луѓе уште од бебиња, па тие се навикнати на човечка рака и внимание и многу лесно се припитомуваат, сакаат да се галат и се многу дружељубиви со луѓе.

7. Тигриците прават многу ѓубре

Било каква Тигрица, било каков папагал – сите прават ѓубре во и околу кафезот. Ја расфрлаат храната, вршат нужда каде сакаат и ако им давате храна како цвекло или калинки – ќе вапцаат сѐ околу нив. Тоа не значи дека треба кафезот да го „забаталите“ на некое место каде што нема да треба да чистите. Кафезот треба да се наоѓа на активно место каде што има луѓе, звуци и играчки за него. Ако го покриете кафезот со крпа или нешто друго за да не расфрла ѓубре надвор од кафезот – тогаш целото ѓубре ќе се собере во кафезот па ќе треба почесто да го чистите него.

Ова се само предупредувања што не сме сигурни дали сите луѓе ги знаат пред да купат Тигрица. Има уште многу информации и предупредувања што треба да се знаат кога и откако ќе се купи Тигрицата, но за нив ќе напишеме подоцна. Само верувајте дека Тигрицата и папгалите се многу добри и убави миленици и нема да се покаете што сте ги купиле.

Илија Стефанов

www.facebook.com/papagalija