28/04/2024
Охрид

Спуштени завесите на осмото издание од фестивалот „Вдиши театар“

Со беспрекорниот настап на театарската група од Црвен крст Крагуевац и оригиналната изведба на претставата „ТВОЈАТА ГРЕШКА ЈА ЧЕКААТ“, вчера во предворјето на црквата Св.Софија беа спуштени завесите на осмото издание на Младинскиот аматерски театарски фестивал „ВДИШИ ТЕАТАР“ кој во организација на Црвен крст Охрид од 14 до 18 јуни 2023 г. се одржа во Охрид.

Талентираните крагуевчани на многу креативен и едукативен начин прикажаа како непочитувањето на разликите меѓу луѓето, слабостите, развива агресија и врсничкото насилство.

И оваа година Младинскиот аматерски театарски фестивал „ВДИШИ ТЕАТАР“ ги исполна очекувањата на организаторот Црвен крст Охрид, а ценејќи според интересот, посетеноста и позитивните реакции и коментари на публиката, овој фестивал го најде и оправда своето место во охридскиот културен простор.

Кога на тоа ќе се додаде и можноста која младите целосно ја иаскористија да креираат театарската игра и да ја афирмираат својата талентираност и сплотеност без јазични, или било какви други бариери, силните хумани пораки кои ги упатија преку театарските претстави, контактите и врските воспоставени со меѓусебното дружењето во овие четири дена, со право „ВДИШИ ТЕАТАР“ претставува препознатлив производ и во земјата и во странство, со кој Црвен крст Охрид се гордее.

Искрена благодарност до учесниците на фестивалот, до публиката, до волонтерите и вработените во Црвен крст Охрид, до медиумите, до општина Охрид и до сите институции, фирми и поединци кои го овозможија, поддржаа и помогнаа одржувањето на театарскиот фестивал „ВДИШИ ТЕАТАР“ 2023.


WebOhrid / 17.06.2023 / Црвен крст Охрид