29/04/2024
Охрид

Средношколци од различни етнички заедници во посета на неколку локации во Охрид и Струга

Во текот на вчерашниот ден, петнаесетмина средношколци од различни етнички заедници од Охрид и Струга ги посетија изворите во Вевчани, природно-научниот музеј “Д-р. Никола Незлобински”, спомен куќата на браќата Миладиновци, и националната галерија на Вангел Коџоман во Струга, како и музејот на семејството Робеви, теќето, ателјето “Аини” и продавницата за бисери на Филеви, во Охрид.

Овие посети се одвиваа во рамките на проектот “Промоција на меѓукултурното наследство, низ езерото”, на здружението за мултикултурна интеграција “Инклузија” од Охрид. Целта на проектната активност беше градење мултикултурни партнерства и мостови на доверба и соработка меѓу младите луѓе.

Тие имаа можност одблиску да се запознаат со вредноста и значењето на доктор Незлобински, браќата Миладиновцки, Вангел Коџоман и познатата охридска фамилија Робеви за историјата на Република Македонија.

Од друга страна, исто така, им беше дадена и уникатна можност директно да се сретнат со процесите на создавање ракотворби и на охридскиот бисер, тајни кои несебично со нив ги споделија Ели Аиноска и Михајло Филев.

Проектот започна со реализација во текот на месец април, а освен вчерашната активност, досега беа спроведени и мултикултурна работилница, мултикултурна ревија, како и мултикултурен камп.

Спроведувањето на овој проект се очекува да финишира до крајот на месец ноември, со организација на финална, мултикултурна вечер.