06/12/2024
Македонија

Светска недела за рационална употреба на антибиотици 2017

Секое спречување на инфекција ја намалува употребата на антибиотици. Сите ние имаме улога во контролата на антимикробната резистенција!

Со ова лого се одбележува Светската недела за рационална употреба на антибиотици оваа 2017 година, насочувајќи на големата улога на здравствените работници од примарно, секундарно и терциерно ниво на здравствена заштита во намалувањето на антимикробната резистенција.

Светска недела за рационална употреба на антибиотици (13–19 Ноември 2017)

Цел на Светската недела за рационална употреба на антибиотицие да се зајакне свесноста за антимикробната резистенција како глобална појава,како и да се зајакне примената на најдобрите практики меѓу општата популација, здравствените работници и носителите на здравствени политики во насока на успорување и спречување на развој и ширење на антимикробната резистенција. Слоганот- Антибиотици: Внимателна употреба, укажува на големото значење на антибиотиците и потребата да се зачува нивната активност. Тие треба да се користат само и исклучиво за бактериски инфекции, и само тогаш кога се пропишани од доктор. Антибиотиците никогаш не треба да се споделуваат и целиот третман треба да се заврши до крај согласно препораките – никако да не се чуваат за некој следен пат и самостојно лекување.

СЗО/Европа се приклучи на повикот на Собранието на Обединетите Нацииза итна акција против антимикробната резистенција (АМР) и ги стимулираше земјите од Европскиот регион да бидат дел од Светската недела за рационална употреба на антибиотици. Имајќи во предвид дека микроорганизмите и нивната резистенција кон антимикробни средства не познаваат граници, ова е единствена можност на заедничка активност на глобалната заедница и залагање за рационално користење на антибиотици. Светската недела за рационална употреба на антибиотици ги потенцира целите на Европскиот ден за рационална употреба на антибиотици, Европска иницијатива од 2008 година.

Република Македонија го одбележува 18 ноември – Европскиот ден за рационална употреба на антибиотици од 2008 година, како и Светската недела за рационална употреба на антибиотици од нејзиното воспоставување во 2015 година.

Централен настан на овогодишното одбележување Светската недела за рационална употреба на антибиотици е Третиот Симпозиум на Здружението на специјалисти по семејна медицина – респираторна група на тема: „Антибиотици во примарна здравствена заштита: Инфекции на респираторниот тракт –убедувања/докази/пракса”, со учество од земјите во регионот- Словенија, Црна Гора, Холандија. Свеченото отворање на Симпозиумот е на 17 ноември, во 14 часот во Сити хол. Симпозиумот ќе го отворат Д-р Гоце Чакаровски, заменик-министер за здравство на Република Македонија, проф. д-р Соња Топузовска, декан на Медицинскиот факултет во Скопје, JIhaneTawilah, шеф на Канцеларијата на Светската здравствена организација во Скопје (се чека конфирмација) и претседателот на Научниот одбор, доц. д-р Катарина Ставриќ, директор на Клиниката за детски болести и координатор на Центарот за семејна медицина при Медицинскиот факултет во Скопје.

Симпозиумот е структуриран во четири сесии, на кои ќе се разгледат значајни теми од областа на употребата на антибиотиците на примарно ниво и во болниците, меѓу кои значењето на клиничките упатства, интервенции за рационална употреба на антибиотици и најчести патогени и антибиотски третман на егзацербации. И оваа година, посебно место во програмата има тркалезната маса за поврзување на истражувањата со практиката, на која ќе се дискутираат тековните политики за подобрување на нивото на употребата на антибиотици во земјата, и механизмите за поврзување на примарната и секундарната здравствена заштита во однос на пропишувањето антибиотици.

Во рамки на Симпозиумот, со поддршка на Светската здравствена организација, Министерството за здравство – Мултисекторската комисија за контрола на антимикробна резистенција, Институтот за јавно здравје и Центарот за регионални истражувања и соработка Студиорум, ќе се одржи и сателитска работилница за можностите за намалување на нерационалната употреба на антибиотици во болниците, на која ќе се разгледуваат предлог-интервенции за спроведување на клиничките упатства, и воспоставување советодавни механизми на болничко и примарно ниво за дијагностицирање и следење на пациентите со антибиотска терапија. Ќебиде споделен и едукативен материјал.

За едукација и зајакнување на свеста кај населението по болниците ќе бидат закачени едукативни постери.