27/04/2024
Спорт

Теренот на Националната арена добива нов лик

Фудбалската федерација на Македонија до крајот на оваа седмица ќе ги заврши започнатите активности од проектот за поставување целосно нова, хибридна подлога на теренот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

Хибридната трева од најновата генерација е поставена на Националната арена по околу еден месец  работа, која опфати отстранување на претходната трева, поставување на новата подлога и целосно нов систем за одржување и наводнување на тревникот.

Муамед Сејдини – претседател на Фудбалска федерација на Македонија:

Драго ми е што ќе ја видиме Националната арена „Тодор Проески“ во ново руво. Ова е уште еден доказ дека инвестициите во инфраструктурата се фундаментален дел од нашиот пристап кон развојот на македонскиот фудбал. Фудбалската федерација на Македонија помага и ќе помага и во иднина, наша обврска е да инвестираме во инфраструктурата која е основа на успехот на нашиот фудбал“. 

„Би сакал да им се заблагодарам и на одговорните во Јавното претпријатие кое стопанисува со Националната арена за реализацијата на овој проект. Фудбалот и репрезентацијата ова го заслужуваат. Со нетрпение го очекуваме претстојниот натпревар против Англија на новата трева на Националната арена и верувам, пред полни трибини за поддршка на македонската репрезентација“.

На новиот тревник, најпрвин се работеше на поставување на вештачката површина, а потоа следуваше сеење на тревата, чии корени потоа се поцврсти и поиздржливи. Природната трева создава густина и компактност, поради што во сезоната на најсилна вегетација разликата е практично невидлива. Во сезоната на најслаба вегетација, односно во декември, јануари и февруари, односот е приближно 70-30 во корист на природната трева, додека во сезоната на полна вегетација, односот се зголемува. Поставувањето на хибридна подлога би можело да биде ефикасно решение, се разбира доколку правилно се одржува и се искористува на пропишанот начин.


WebOhrid / 24.10.2023 / ФФМ