26/04/2024
Струга

ВМРО-ДПМНЕ ОК Струга: Со вакво темпо, коалицијата СДСМ – ДУИ ја носи општината во банкрот и тотален колапс

ВМРО-ДПМНЕ ОК Струга испрати соопштение до медиумите во кое стои:

„Локалната самоуправа предводена од Рамиз Мерко во договор со коалиционите партнери од СДСМ, објави оглас за вработување на 30 лица.

Се прашуваме, како објавивте оглас за нови вработувања, а во последниот извештај на ревизорите, заклучено е дека општината нема финансии бидејќи сметката е веќе подолго време блокирана!?

На само неколку месеци пред Парламентарните избори, објавувате огласи за вработување, а во општината немате доволно столчиња за сите. Зарем толку се исплашивте, па сега последна сламка за спас ви е да ја пренатрупате општината, со цел да изнудите повеќе гласови на претстојните избори?

Со вакво темпо, коалицијата СДСМ – ДУИ ја носи општината во банкрот и тотален колапс!

Апелираме, Јавното обвинителство да отвори случај и добро да ги разгледа извештаите од ревизорите и нивните препораки дека општината е во финансиски колапс!

Мора да се понесе одговорност затоа што тоа се пари од сите жители на град Струга, а не на поединци блиски до СДСМ и ДУИ!“ – стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ ОК Струга.