29/04/2024
Охрид

Второ издание на Охридски вински фестивал

Утре со почеток од 18 часот, на улица „Кеј Македонија“ започнува Второто издание на „Ohrid Wine Festival“. По тој повод, денеска, градоначалникот Кирил Пецаков и Пане Темов, претставник на организаторите одржаа прес конференција.

-Овогодинешниот фестивал започнува на 22 јуни, и ќе трае до 24. Охриѓани и гостите ќе имаат можност да вкусат квалитетно, да ужуваат во закуските и да уживаат во одличниот избор на музичките перформанси. Учество ќе земат повеќе од 20 винарии и други учесници од Македонија од повеќе различни региони. Овогодинешната музичка програма е составена исклучиво од домашни изведувачи и на тој начин даваме поддршка до домашните изведувачи кои се навистина квалитетни. Првиот ден е резервиран за бендот „Баклава“, добро прочуениот Миле Кузманоски и безвременскиот Дарио. Во петок ќе настапат „Лугер“, „Брас брадарс“, „Бак дор бенд“ и „Нокаут“, а во сабота охриѓанецот Александар Јосифовски, Фиц и „Д инвизибалс“ со најголемите хитови од Студени нозе, и „Фанк Шуи“. Сите дена како резидент дџ ќе биде „РутБој“. Убеден сум дека музичката програма ќе ги задовли сите вкусови на посетителите. Со почетокот на Вино Фест, практично го означуваме почетокот на летната туристичка сезона пред која ни претстојат безброј настани. Забавата започнува од 18 часот и ќе трае до 01 часот по полноќ. Ги поканувам Охриѓани, гостите, но и сите оние кои не се во Охрид во моментов, да дојдат и заедно да уживаме во фестивалот, кажа градоначалникот Пецаков.

Покрај познатите македонски вински компании, ќе се претстават и мали семејни винарии како од Охрид така и од Македонија.

-Посетителите по релативно добри и ефтини цени ќе може да пробаат различни вина. Ќе може да се дегустираат македонски сорти на вино, како станушина, вранец, темјаника…Ќе ги промовираме нашите македонски музичари, се надевам дека ќе биде посетено како и лани, рече Темов и додаде дека интересот кај македонските винарии бил поголем годинава, а за одредено време овој фестивал има шанси да стане регионален, истакна Темов.

Се очекува овој фестивал да изгради убава традиција и бројот на винарии од година во година да се збогатува.


WebOhrid / 21.06.2023 / Општина Охрид