08/10/2024
ОхридСпорт

Започнува со работа градскиот базен „Атина Бојаџи“

Од денес започнува со работа Градскиот базен „Атина Бојаџи“, на кој неодамна се изврши реконструкција. На пригодната свеченост свои обраќања пред приустните имаа градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков и директорот на ЈП „Блијанини Извори“ , Теодор Андоноски.

– Навистина е неописливо чувството повторно да се слушне детски џагор на Градскиот базен „Атина Бојаџи“. Денеска сме овде присутни да го означиме почетокот на функционирањето на градскиот базен, каде охридските пливачки школи ќе одржуваат часови за најмладите. До овој момент пријавени се околу 300 деца, од кои едни ќе се учат да пливаат, додека други ќе ги усовршуваат пливачките техники. Како Локална самоуправа успеавме за кратко време да го санираме базените, односно да се обојат коритата на олимпискиот и детскиот базен. Реконструкцијата на базенот е инвестиција на Општина Охрид и ЈП „Билјанини извори“, следната година ќе има дополнителни инвестиции во уредувањето на просторот околу базенот. Уредени се и трибините кои беа во распаѓање. Сето ова се прави првенствено за пливачките школи да може да тренираат бидејќи пливањето е еден од најдобрите спотови за развој на нашите деца. Охрид порано бил расадник на млади и успешни пливачи, а нашата цел е тоа да се возобнови. За прв пат Охрид после 20 години ќе биде домаќин на Државно првенство во пливање на кое покровител е Општина Охрид. Од 15 до 18 јули ќе се организира првенство на кое ќе настапат најдобрите пливачи од Македонија, за сите генерации. На тоа првенство ќе можат да остваруваат резултати кои во иднина ќе може да ги користат за добивање стипендии и тајминзи за настапи на европски и светски првенства. Во јули отворениот базен „Атина Бојаџи“ ќе биде домаќин и на Меѓународен митинг на кој ќе настапат пливачи од Србија, Бугарија и Македонија, во организација на Пливачкиот клуб „Аква спирит“, рече градоначалникот Пецаков.

На крај од своето обраќање, градоночалникот испрати порака до пливачите.

– За крај, како долгогодишен спортист, сакам да испратам една порака до сите оние кои денес за прв пат ќе се сретнат со пливањето, но и до оние поискусните.

„Никогаш, ама никогаш немојте да се плашите да изгубите. Единствен начин да докажете дека сте добри во спортот е да изгубите и со кренати глави да го поднесете поразот. Бидејќи тоа ќе ви укаже каде грешите и каде треба да се подобрите. Надградувајте се постепено и успехот ќе биде неизбежен“, заврши градоначалникот.

Директорот на ЈП „Билјанини извори“, изрази благодарност до Локалната самоуправа и градоначалникот што пронајдоа можност за краток временски период да се изврши неопходната реконструкција на градскиот базен и им посака успешно фунцкионирање на пливачките школи.


WebOhrid / 04.07.2022 / Општина Охрид