26/04/2024
Спорт

Македонија 20-31 Шпанија

Македонската ракометна репрезентација го одигра првиот натпревар од главната групна фаза од Европското првенство во Хрватска.

Денес во Вараждин, наш противник беше селекцијата на Шпанија, која имаше целосна доминација во текот на целиот натпревар. Шпанија тоа го покажа уште на самиот старт од натпреварот, а нашите ракометари им ја олеснија работата со многуте грешки. Дополнителен проблем за нас беше повредата на Кирил Лазаров, која дополнително ќе се утврдува дали е од посериозен карактер.

И во првото и во второто полувреме Македонија не успеваше да влезе во за нас добро познатиот ритам. Грешките следеа кога требаше да се намалува предноста на противникот, за на крајот Шпанија да го добие овој натпревар со убедливи 20-31.

Во Групата II, Македонија се наоѓа на четвртото место со 3 бодови, зад Данска со 6 бодови и Шпанија и Германија со по 4 бодови. Зад нас се Чешка со 2 бодови и Словенија со 1 бод. 

Следниот натпревар Македонија ќе го игра против Чешка во вторник (23 јануари) со почеток во 20:30 часот, а веќе наредниот ден, во среда (24 јануари) во 18:15 часот, Македонија ќе игра против Данска.

WebOhrid