Александар Леко Радич е годинешен добитник на Климентовата награда

Александар Леко Радич е годинешниот добитник на највисокото општинско признание, наградата „Св. Климент Охридски- Патрон на градот“ за животно дело. Името на Добитникот на оваа престижна награда, денес во спомен куќата на Григор Прличев го обелодени градоначалникот Никола Бакрачески.

„Професорот и тренер, доајен на маратонското пливање во Охрид, познат охридски бренд е достоен да ја носи наградата Св. Климент Охридски патрон на градот за 2013 година. Овогодинешниот победник е татко на охридскиот пливачки маратон, креатор и неприкосновена легенда на маратонското пливање кој целиот свој живот несебично го вложи во афирмација на Охрид и Македонија како релевантен маратонски центар. Тренирајќи ги познатите охридски пливачки асови, маратонците Атина и Дики Бојаџи, Нико Нестор, Климе Савин и Александар Маленко тој е најзаслужен за нивните врвни маратонски достигнувања и засекогаш ги постави на пијадесталот на македонското и светско маратонско пливање. Заедно со нив, Александар Леко Радич го прослави Охрид и Македонија низ светот и со златни букви го испиша името на охридскиот маратон во регистарот на светското маратонско пливање. Од мое лично име и од името на членовите на комисијата на годинешниот добитник му го честитам ова највисоко општинско признание“, – изјави градоначалникот Бакрачески.

Во конкуренција за Свети Климентовата награда за животно дело покрај Леко Радич беа и деветмина други видни охриѓани кои беа предложени врз претходно распишаниот конкурс. Меѓу нив се: Димче Јанко- копаничар, Димитар Масески – композитор, Јавната Установа Детска Градинка “Јасна Ристеска“, спец. д-р. Никола Михајло- Филев, Петар Голабоски од Здружението на граѓани Аикидо клуб од Охрид, проф. Александар Леко Радиќ, проф. д-р Павле Митрески, филологот Тоде Илиески, сликарот Јордан Манасиески и занаетчијата Милан С. Белески.

„Навистина комисијата имаше доста тешка задача и сметам дека составот за кандидатите по своите квалитети беше еден од најдобрите во однос на изминатите неколку години. Сметам дека кој и да беше избран од овие 10 апликанти за највисокото општинско признание нема да беше неправедно. Оценувањето на комплетните пријави од страна на комисијата беше одлучено да се врши врз основа не пет критериуми со оцени од 1 до 5 и тоа: општо значење на делото, значење на делото за градот Охрид, афирмираност на личноста или институцијата, препознатливост од широката јавност и придонес за афирмација на градот, во Македонија и пошироко. По спроведеното бодување ,засебно за секој апликант од секој член од комисијата, едногласно со најголем број бодови 131 до мене беше предложен Александар леко Радиќ“, објасни Бакрачески.

Изборот на годинешниот добитник на Свети Климентовата награда го направи стручна комисија во состав: Гордана Коњаноска – претседателката на Совет, Димитар Спасески- Секретарот на Општина Охрид, академик -Григор Каневче, актерот Горан Стојаноски, спортскиот работник Данчо Целески, кардиологот д-р Светозар Маџаров и деканот на ФТУ Сашо Коруноски. Највисокото општинско признание „Св. Климент Охридски –патрон на Охрид“ за животно дело на Александар Леко Радиќ ќе му биде доделено на свечена академија која по повод патрониот празник на градов ќе се одржи на 8-ми декември во Центарот за култура „Григор Прличев“.