29/03/2024
Дебрца

СДСМ Дебрца: Спортското игралиште во Требеништа е неквалитетно изградено

СДСМ Дебрца реагира во врска со игралиштето во Требеништа. Во продолжение следува интегралниот допис:

„За жал уште еднаш сме приморани да реагираме за изградбата на спортското игралиште во село Требеништа од страна на Општината Дебарца. И за да не бидеме повторно погрешно разбрани дека сме биле против изградбата на спортски објекти на почетокот уште еднаш го повторуваме нашиот став дека во целост ја поддржуваме секоја активност за изградба и осовременување на спортска инфраструктура, ама не било каква, туку квалитетна и изградено согласно стандардите и техничките прописи за ваков вид на градби.

По првиот обилен дожд на виделина излегоа сите аномалии од неквалитетно изведената градба на спортското игралиште. Како резултат на нестручно изведените работи за тампонирање спортскиот полигон остана прекриен со вода, чиниш е мрестилиште за риба, а не спортски терен, како доказ посочуваат фотографиите во прилог. Причината за тоа се нестручно изведените работи за тампонирање од страна на фирмата подизведувач, која е од село Ботун и чиј сопственик е близок пријател на градоначалникот на Општината. Изведбата на градежни работи не трпи импровизации. Таа бара фирмата која е ангажирана да располага со соодветна механизација, квалитетен кадар и да се придржува на стандардите за градба, а не само да одработи за да и се компензира дадената поддршка за време на изборите.

Затоа, ги повикуваме надлежните во Општината да објаснат дали надзорниот инжинер даде позитивно мислење за градбата и кој ќе сноси одговорност за пропустите во градбата? Одговор од типот дека спортското игралиште ќе биде покриено не прифаќаме, бидејќи со тоа нема да се отстранат пропустите и истите пак ќе дојдат до израз при секое чистење и миење на подлогата на теренот.

Јавноста со право бара одговор. Се работи за 1.500.000,оо денари потрошени средства од буџетот на Општината, односно пари на граѓаните на општината.“ – стои во дописот од СДСМ Дебрца.