16/04/2024
Охрид

Честитка на градоначалникот Георгиески по повод 11 Октомври

Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески , упати честитка  по повод 11 Октомври – Денот на народното востание.

– Нека ни е честит 11 Октомври, Денот на народното востание. На овој  ден во  далечната 1941година   во Прилеп започна востанието против фашистичката окупација и беше најавена организираната народно – ослободителна борба.

Преку оваа борба нашиот народ  го докажа својот државотворен капацитет и право на изградба на слободна,   самостојна и суверена држава. Токму со 11 Октомври и НОБ застанавме на страната на антифашистичката коалиција, на страната на доброто наспроти злото, правдата наспроти неправдата.

11 Октомври и првото заседание на АСНОМ  им дадоа целосна смисла на сите револуционерни  движења претходно.  Борците во НОБ  ги достигнаа  стремежите на сите претходни генерации да се добијат долго очекуваната победа и слобода.

 Секоја генерација има своја одговорност. Така и нашата, да ја сочува  слободата, суверенитетот и независноста на нашата земја која со пролеана крв  и многу жртви ја  спечалиле нашите предци. Одговорноста е голема, она што сме го добиле како влог треба  да го предадеме на  идните генерации,  на нашите деца.  Никогаш да не дозволиме да ни бидат одземени мирот и слободата.   Наша задача е да обезбедиме економски стабилна и просперитетна држава, која  ќе биде рамноправна членка со останатите држави во европското семејство.  Единствени и сплотени    да продолжиме да ја градиме нашата  татковина  како современа, демократска и правна држава во која секој граѓанин ќе има еднакви можности да креира пристоен и примерен живот за себе и за своето семејство.               

Нека ни е честит и вековит 11 Октомври – денот на   Народното Востание!