26/04/2024
Писма/Колумни

Македонија без кал, Охрид без кал – I don’t think so

Сигурно слушнавте/прочитавте за Проектот „Македонија без кал“. Сè се среди, па сега остана само уште „да ја елиминираме калта“. Heeeelp!!! …или пак како се вика тоа на германски!? Hilfeeeeee!!! Нека се врати некој од странство да ги среди улициве, бидејќи не останаа работници во земјава. За жал, останаа само оние кои работат во јавна администрација, ама слушам и тие ќе бегале, но не поради превработеноста или „малата плата“, туку од досада… ама друг пат за тоа.

Да, Охрид е дел од Проектот „Македонија без кал“, што е одлично, но дали знаете што ќе се случи со средствата кои ќе бидат одобрени за таа намена? НИШТО! Буквално ништо. Само ќе се подзакрпи некоја дупка, од оние помалите, ќе се асфалтира некоја уличка, некој ќор-сокак и кога ќе се направи една ретроспектива после 5, 10, 15 години, ќе се увиди дека проекти имало, пари имало, нешто се работело, ама резултатот е ист – исти дупки на исто место, истите луѓе на исто место, а оние кои не успеале да влезат меѓу овие „истиве“ ја напуштиле државата.

Нема кој не бил по лични документи во МВР, поточно во Пожарната, а најчесто паркинг се бара отспротива, токму на ова место со кал и дупки полни со вода, проблем со кој се соочуваме децении наназад. Зарем никој од надлежните не дошол овде? Или пак дошол, ама ги меркал игралиштето за кошарка и монтажните гаражи како идеална локација за градење на нов станбено-деловен објект? Ништо да не ве чуди.

Господа надлежни! Без оглед од која партија бевте, сте или ЌЕ сте. Фатете се за работа и дај веќе еднаш средете го ова место!

В.Б.

*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.