26/04/2024
Охрид

Одржан рекреативен риболовен турнир за најмладите во Охрид

Младински Совет Охрид, како дел од програмата за развој на рекреативниот спорт, викендов кој измина, организираше спортски риболов. Риболовот беше организиран со поддршка на здружението „Св.Стефан“, а со одобрение на концесионерот на Охридското Езеро „Пастрмка 2012“ ДООЕЛ.

Од пријавените 37 натпреварувачи, поради лошите временски услови и ладното време се натпреваруваа само 9 млади риболовци. Иако со рекреативен карактер, на турнирот беа доделени дипломи и симболични награди за најдобрите.

Трето пласиран, според уловот беше Џабир Далипоски, второпласиран Бојан Тренески, а на првото место се пласира Христијан Неданоски, кој воедно беше и најмлад учесник на риболовот.

Младински Совет Охрид, упатува благодарност до спортско риболовното друштво „Св. Стефан“ со кое преку овој настан ја започна соработката која во иднина ќе се продлабочува за вакви и слични активности со цел вклучување на младите во активностите на здружението но и за реализација на заеднички идеи.