05/11/2024
Спорт

Постигнат договор за соработка помеѓу ФК Пелистер и ЦСКА Софија

Раководството на ФК „Пелистер“и раководниот тим на фудбалскиот клуб ЦСКА од Софија, Република Бугарија, денес постигнаа заеднички договор за соработка.

Дел од раководството и управниот одбор на ФК „Пелистер“, заедно со претставниците на ЦСКА, познат фудбалски клуб во светски рамки, ја информираа градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска, во присуство на амбасадорот на Р. Бугарија во Р. Македонија, Ангел Ангелов, за остварената средба и договорот за натамошна соработка на овие два спортски клубови. Извршниот директор на ЦСКА Пламен Марков, кој накратко ја запозна градоначалничката со растежот и падовите на ЦСКА, рече дека најважно е да се направи база на играчи уште од мали нозе.

„Инвестирањето во спортот е влог во нашата иднина. Благодарение на вложувањето на градоначалникот во спортот, може да се обезбеди подобар спортски кадар и да се развие еден поинаков спортски дух кај младите. Децата на 6-7 годишна возраст се насекаде исти, и во Битола, и во Софија, и во Италија, и во Шпанија. Но за да се усовршат и да станат фудбалери, или добри спортисти, потребни се услови, добри тренери, современи методи на работа. Тука ја гледаме идината и развојот на фудбалот и спортот“, – рече Марков.

Од управата на ФК „Пелистер“ истакнаа дека соработката од стручен, но и од технички аспект ќе им биде од огромно значење, особено во период кога „Пелистер“ повторно има нагорна линија на успеси, но и во време кога се подобруваат спортските услови, преку изградбата на трибината на стадионот под Тумбе кафе. Од друга страна, Битола и регионот секогаш биле расадници на таленти, кои во иднина, можеби, својата спортска кариера ќе ја продолжат токму и во ЦСКА Софија. Поддршката која Општина Битола и градоначалничката Петровска му ја даваат на ФК „Пелистер“ е видлива и оттука, секој чекор на вложување и помагање во овој клуб и спортот во целина, дава сигурни резултати за натамошен успех на спортски план на Битола и битолчани, беше истакнато на денешната средба во кабинетот на градоначалничката Наташа Петровска.