Празнувањето на споменот на светиот Климент Охридски Чудотворец и на светиот Климент Папа Римски и оваа година се одбележа на Плаошник
Празнувањето на споменот на светиот Климент Охридскиот Чудотворец и на светиот Климент Папа Римски, и оваа година торжествено се одбележа во Светиклиментовиот манастир на Плаошник во Охрид, почивалиштето на светите чудотворни мошти на нашиот патрон, покрстител и учител, светиот Климент, кој и многу време по своето блажено упокојување, не го остава својот народ, а преку своите дела, молитви и чудеса го исцелува од телесните и духовните немоќи, и го води на трнливиот пат кон спасението.
Прославата на споменот на нашиот Охридски и Македонски светител започна ден претходно, на 07 декември 2023 година, во вечерните часови, кога беше отслужена празнична Вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Сашо Богданоски и Димче Ѓорѓиески, свештениците Горан Ставрески и Ѓорѓи Блажевски, еромонахот Никодим и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Вечерната богослужба, со благослов на Митрополитот Тимотеј, свештеникот Ѓорѓи Блажевски се обрати кон верниот народ со пригодно слово.
Торжествата продолжија на 08 делември 2023 година, во истиот манастир „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, кога беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Кирил Јованоски, свештеникот Атанас Казанџиски, еромонахот Никодим, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски.
По завршувањето на Литургијата, беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа.
WebOhrid / 08.12.2023 / Дебарско-кичевска епархија