28/03/2024
Македонија

Премиерот Заев на средба со претставници на КфВ банката за поддршка на развојот

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, заедно со неговите советници за меѓународна економија и развој и економски прашања, денеска во својот кабинет ја прими делегацијата од КфВ банката за поддршка на развојни проекти во сопственост на германската влада, предводена од Кристоф Тискенс, директор на групацијата за Југоисточна Европа и Турција.

На средбата присуствуваа и заменик амбасадорот на Сојузна Република Германија во Република Македонија, Марко Акватичи, како и Роберт Шарламанов од канцеларијата на КФВ во Скопје.

На средбата беше истакната досегашната исклучително плодна соработка меѓу Германија и Македонија, а како најсилна потврда беше подвлечена поддршката која КфВ банката ја дава особено во сферата на животната средина, енергетскиот сектор, локалната инфраструктура, водоснабдувањето и отпадните води, како и за проектите за одржлив економски развој.

Соговорниците се согласија дека поддршката на германската групација КфВ, која се придружува кон меѓународните напори за поддршка на Македонија за забрзување на структурните реформи и обезбедување нов стимул за развој на бизнис климата, е од исклучителна важност и е во согласност со заложбата на Владата за заживување на економијата и подобрување на животниот стандард на граѓаните.

На средбата, претставниците од КфВ банката го информираа премиерот Заев за тековните проекти кои се реализираат во Република Македонија со поддршка на банката, во однос на водоводните системи, пречистителните станици, обновливи извори на енергија, како и на други инфраструктурни проекти.

Разговарајќи за можностите за идна соработка, потенцирајќи ги како најатрактивни и особено значајни проектите од областа на енергетиката, и тоа ветерните електрани, како и инфраструктурата и развојот на руралните средини, премиерот Заев истакна дека Германија е сериозен економски партнер на нашата земја со трговска размена од 3,6 милијарди долари во 2017 година.

Од двете страни беше истакната заложбата за продолжување на соработката, што придонесува, и е од големо значење за продолжување на реформските процеси во Република Македонија, кои придонесуваат за финансиската стабилизација и економски напредок, како и развој на вкупните демократски процеси во земјата, со цел да се забрза пристапувањето на Македонија во Европската Унија.