Претседателот на Република Албанија, Илир Мета во официјална посета на Република Македонија

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска беше домаќин на Претседателот на Република Албанија, г. Илир Мета, кој престојува во дводневна официјална посета на Република Македонија.

Двајцата претседатели на тет-а-тет средбата разменија мислење за можностите за унапредување на билатералните односи, за стратешките приоритети на двете земји во однос на интеграциите во НАТО и ЕУ, како и за состојбите во регионот.

Сите со нетрпение очекуваме Македонија да го заземе заслуженото место во НАТО, но и да постигне видлив напредок на патот кон европската интеграција, порача претседателот на Република Албанија, Илир Мета, по средбата со неговиот домаќин, македонскиот претседател, д-р Ѓорге Иванов.

„Во таа насока го поттикнуваме продолжувањето на дијалогот за надминување на сите прашања, кои претставуваат пречка на тој пат. Македонија како членка на НАТО, не е успех само за самата земја, туку и за целиот регион, бидејќи тоа претставува фактор на безбедност во овие турбуленти времиња“, рече Мета на заедничката прес-конференција со претседателот Иванов.

Македонскиот претседател посочи дека Албанија и Македонија заедно почнаа на патот кон НАТО, но откако Албанија стана членка, Македонија сега очекува нејзина поддршка во тој процес.

„Македонија очекува Албанија да ја повлече да биде членка на НАТО, да и помогне да добие покана за членство, а во однос на ЕУ со се што досега Македонија има направено и со сето нејзино искуство и стои на располагање на Албанија на нејзиниот пат кон ЕУ“, додаде македонскиот претседател.

Во врска со можностите за зближување на народите на двете земји, но и на бизнис заедниците, според претседателот Иванов, неопходно е инфрастуктурно поврзување.

„Трговската размена на две толку блиски земји не е на задоволитено ниво“, рече претседателот Иванов и додаде дека според бизнис заедницата, главен проблем е инфраструктурата, односно железничкото поврзување, како и олеснување на пристапот до пристаништето во Драч.

Албанскиот претседател, Мета, цитирајќи мисла на Мајка Тереза, повика на поголема соработка, наместо на живеење во минатото.

„Односите меѓу соседите некогаш се поедноставни, но ние знаеме да ги искомплицираме. Тие се како односите меѓу луѓето. Како што претходно спомнав една мисла на Мајка Тереза, „Ако ги судиме луѓето бесконечно, нема да остане време да ги сакаме”. Ова важи и за заедничките односи. Затоа, подобро е да го трошиме времето на заедничка поддршка и сите да имаме придобивки од тоа, отколку да си судиме едни на други за прашања кои се поврзани со минатото. Сметам дека Македонија и Албанија можат да бидат пример за целиот регион“ – рече Мета.

Претседателот Иванов на прес-конференцијата посочи дека она што најмногу ги поврзува двете земји се Македонците во Албанија и Албанците во Македонија.

„Констатиравме дека тоа најмногу не поврзува. На Мета му искажав благодарност за неговата досегашна грижа за Македонците во Албанија, за сите негови напори за унапредување на нивната состојба. Има поединечни случаи кои не треба да се генерализираат и секој пат треба да ја гледаме големата слика и да ги поттикнуваме сите позитивни примери кои ги подобруваат односите меѓу двете земји“, рече претседателот Иванов.

Запрашан за неодамнешното признавање на бугарско малцинство во Албанија, претседателот Мета изјави дека Албанија се залага за почитување на малцинските заедници, нивниот идентитет и култура.

„Албанската Влада и Парламентот покажаа максимална флексибилност и толеранција во оваа насока, но ова не значи дека ќе охрабруваме дејствија кои не се соодветни со реалноста во Албанија околу малцинствата“, потенцира Мета.Тој посочи дека лично ќе се заложи за поддршката на македонската заедница во Албанија.

„Ние се гордееме со исклучителните вредности на македонската заедница во Албанија и јас го уверив претседателот Иванов дека во текот на мојот мандат ќе давам поддршка на оваа етничка заедница со цел зајакнување на нивниот идентитет и положба затоа што тие претставуваат вистинска вредност за нашата земја,“ рече претседателот Мета.

Во однос на предлог Законот за употребата на јазиците, претседателот Иванов изјави дека ќе го соопшти својот став штом законот биде доставен кај него, но истиот мора да биде во согласност со Уставот и државните интереси.

„Со огромно внимание ја следиме дебата за спомнатиот закон, и собраниската дебата што се одвиваше, и јас и мојот кабинет. Во кабинетот веќе имаме огромен број пристигнати експертски мислења и од стручната јавност, така што кога ќе биде доставен законот до мене, тогаш јас ќе се произнесам по него. Тоа мора да биде во согласност со Уставот и со државните интереси,“ изјави претседателот Иванов.

На денешната средбата беше разговарано и за градоначалникот на општината Пустец, г. Едмонд Темелко. Претседателот Иванов изјави дека за овој случај и денеска и претходно бил лично информиран од албанскиот претседател Мета кој изразил загриженост за Темелко како албански државјанин, но пред се за неговата здравствена состојба.

„Сите тие пораки јас ги пренесов до надлежните, и до премиерот лично, дека г. Темелко е во многу тешка здравствена состојба и треба да му се укаже помош и грижа за неговото здравје и се доведува во прашање дали ќе може да го преживее овој процес во кој тој е вклучен. И на тет-а-тет средбата стана збор за г. Темелко и претседателот Мета ја повтори загриженоста, бидејќи станува збор за државјанин на Република Албанија, “изјави македонскиот претседател.

Г. Темелко има државјанство и на Македонија и на Албанија. Јас ја искажав мојата загриженост од претходно, и на претседателот Иванов и на г. Талат Џафери. Се работи за една јавна личност во Република Албанија, се работи за градоначалник. Исто така, се работи и за лице кој е со влошена здравствена состојба, а тоа лесно може да се види“, изјави албанскиот претседател Илир Мета.