16/04/2024
Охрид

Простум кон учителот

Препочитуван и прескап мој учителу, светлозрачен прв буквару мој, трезору мој на немереното ми богатство, ковчегу мој позлатен на сите древнини и на сите древни и сегашни скапоцености, непресушен извору на лековита и на засладувачка вода на животот и живеењето македонско, првоплоден, роденомакедонски, кирилометодиевски, климентов и наумов, миладиновски и прличесердарски сејачу на мирољубивото и сладовкусно семе на зборот, на умот и на разумот, патоказу мој среде пространата недогледна рамница на постојбината и на сегашнината, крстоносецу и бајрактару мој среде крстопатот и распаќето, светлоказу мој за сите излези од сите тунели и мрачнини, толкувачу мој за сите познати и непознати поими од моето љубопитно прашување, секојдневен археологу, копачу по мојата земја и по нејзината и светска  историја, одговору мој за сите мои детски и сериозни грижи, клучу мој и калаузу за сите врати таинствени и за сите тајни од книгите и за сите светски мистерии, лечителу и исцелителу за сите мои рани и маани духовни, лекару божји, излечителу на довчерашното слепило во моите очи, отстранителу на пердето пред моите ококорени зеници, вдахнувачу на зборот мајчински и на зборот роднокрајски, бранувачу и растрепернику на моето море од прашања, мотиву мој и славеју за мојата песна гласовита на пилето јуначко во срцево разиграно, музичка интонацијо, мој акорду почетен и следен, музико моја и прводвигнат чекору мој  за сите ора наши и песни ороводни и македонски, гласен гласнику од сите роднокрајни земји и наши огништа, од сите наши неба и мориња, фалоспеву на сите мои предци и јунаци славни од родот македонски, следбенику верен нивни и претходнику мој за сите мои и сегашни верувања во татковината пред сите утра и пред утрешнината, градинару и одгледувачу на мојата претпролетна, на мојата детска душа, на моите нежни стебла и кревки корења, чувару на моето утро од денот и на мојата пладнина, на моето ученичко растење, другару мој низ сите први минути од сите часови, на сите мигови низ сите излети блиски и екскурзии подалечни, пријателу мој меѓу два часа и на сите одмори и мали и големи, праведен прекорувачу на моите лоши постапки и навики, дежурен  критичару на моите дела од букварот и математиката до хемијата и до физиката, за сите одговори од клупата и од пред таблата, од тетратката работна, од домашната и училишната  и од учебниците, неуморен трагачу и  истражувачу по одговорите на сите мои поставени прашања, неизбришлив коректору за моите намерни и ненамерни грешки, посреднику за сите мои средби со книгите и великаните на светската литература и култура, водичу мој прв по македонската етничка и древна историја и по  светската географија, канатару мој и стројнику за сите мои светски книжевни свадби и љубови, за сите сказни и светски приказни, благороден деецу, добротворен дарителу, милозвучен говорителу, благоустен  советителу, просветителу мој на секоја буква и азбука, татковски строг воспитувачу за моралните и законски норми и правила, дедовски питом раскажувачу, братски силен поддржувачу, другарски најкорисен мој потшепнувачу, секојдневен мој бдејачу, мој, а сепак, непристрасен оценувачу за секое мое и за сите мои знаења, вистински патеводителу низ вистинските патишта на мудроста човекова, потстреку и поттику мој, причино моја за сите мои доблести и добри однесувања, за сите мои знаења и познавања, најупорен тренеру на мојот ум и на мојот глас, на моето мислење, говорење, и изразување, Крстителу на моето утрешно име и занимање, на мојата животна професија, Христов вернику со божја и богуугодна мисија, о, премил и прескап човеку, биди Ти благословен  од Бога, сега, секогаш и во сите времиња.

Простумот е напишан во еден здив со една необично долга Проста Реченица составена  дури од 555  зборови!

(Учениците од Косел, членови на литературно-рецитаторската секција, под раководство на  проф. Димче Донески)