11/10/2024
Охрид

Рибокрадци од Пештани фатени со околу 20 килограми белвица

Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „незаконит риболов“, Секторот за внатрешни работи Охрид поднесе кривична пријава против М.Р. (60) и С.Р. (36), двајцата од Пештани.

Пријавените, казненото дело го сториле на 28-ми ноември минатата година околу 17 часот, кога со пловен објект-кајче управувано од М.Р. влегле во водите на Охридското Езеро. Тоа го направиле откако претходно во кајчето ставиле комплетен риболовен алат и две рибарски мрежи, со кои е забранет риболовот согласно одредбите од Законот за рибарство и аквакултура. Двајцата пријавени, рибарските мрежи ги фрлиле во водите на Охридското езеро на подрачјето над Пештани, по што уловиле двеста триесет и седум парчиња риба „белвица“ со вкупна тежина од 19 килограми и 615 грама. Полициските службеници ги затекнаа сега пријавените во момент по излегување од езерските води и изнесување на рибарскиот прибор и мрежите заедно со уловените риби.

За настанот беше известен дежурен Јавен обвинител, а по наредба на судија на претходна постапка при Основен суд Охрид, извршен е претрес на пловниот објект и одземени се мрежите и другиот риболовен алат заедно со уловената риба во свежа состојба.