28/04/2024
Охрид

Успешна акција на Галичица, спасени тројца странски државјани

Регионалниот ЦУК Охрид денеска попладне координира дел активности со спасителна акција на планината Галичица, којашто заврши успешно.

Конкретно, во 16:19 часот преку Единствениот број за итни повици 112 во ЦУК е примена пријава за изгубените двајца мажи, странски државјани (од кои едниот имал повредена нога) и една жена во Националниот парк „Галичица“, во повисоките делови на истоимената планина. Двајцата мажи се пронајдени кај планинарската куќа на Н.П. „Галичица“ во 17:30 часот, а жената е пронајдена на подалечна локација во 17:50.

Веднаш по дојавата за помош од изгубените, на терен брзо излезе екипата на единицата за спасување на планина од Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид, којашто е доброволна волонтерска организација, што делува во регионот околу Охридското Езеро, односно на територија на општините Охрид, Струга, Дебрца, Вевчани, Ресен и Поградец. За настанот ЦУК ги извести дежурните во Подрачната единица на ДЗС, а и во МВР – ЦИК од Охрид.

Лицата утрово тргнале од Охрид со сино возило и застанале на паркингот „Г6“, а потоа пешки се упатиле нагоре по пешачкиот дел на Галичица. Почнале да пешачат од 09:30 часот, но се изгубиле по планинските патеки, па попладне се јавиле за помош на 112 во ЦУК, по што веднаш е организирана спасителна акција.

Во спасувачката акција, покрај единиците од планинарска служба Охрид и Ресен учествуваше и патрола од Гранична Полиција од Св.Наум.


WebOhrid / 23.07.2023 / ЦУК