26/04/2024
Охрид

Утре Отворен ден „Национален парк Галичица и пријателите поблиску до вас“

Утре, 23-ти мај 2022 година (понеделник), Јавната Установа Национален парк Галичица, ќе организира Отворен ден „Национален парк Галичица и пријателите поблиску до вас“.

Една од целите на работењето на ЈУНПГ е да применува транспарентност и отвореност во своето секојдневно дејствување, преку искрен пристап на комуникација и соработка со сите заинтересирани страни, поединци, групи, невладини организации итн.

Отворениот ден е начин на кој ЈУНП „Галичица“ сака да даде скромен допринос за:

Промоција на сите туристички вршители на дејност кои своите активности ги спроведуваат на територијата на Паркот.

Промоција и вкусување на традиционални производи (храна и пијалаци) подготвени од локалното население.

Запознавање со природните и културните вредности на НП Галичица.

Запознавање со правилата на однесување во НП Галичица, дозволените и забранетите активности во различните зони.

Интеракција со заинтересираните страни, разговори, дискусија и прибирање на Вашите идеи и предлози кои се значајни за долгорочен развој и зачувување на вредностите.

Забава, комуникација, меѓусебно запознавање и дружење!

Националниот парк Галичица смета дека настан од овој карактер е значаен за установата, но и за сите вршители на дејност и затоа ги поканува сите заинтересирани да присуствуваат на Отворениот ден во просториите на ЈУНП Галичица на Велестовски пат бб, 6000, Охрид, во понеделник. Времетраењето на настанот е од 10:00 часот наутро до 18:00 часот попладне во инфо центарот на Галичица.

Ќе бидат обезбедени штандови на кои сите заинтересирани страни и вршители на дејност ќе можат да изложат свој промотивен материјал, да споделуваат информации со посетителите и да вршат промоција на своите активности. Исто така, свој штанд ќе има и самата установа на кој сите посетители ќе може да се информираат за активностите и програмите на ЈУНП „Галичица“, да се запознаат со некои аспекти од Националниот парк преку промотивен материјал, но и да дадат свои предлози, поплаки, забелешки и идеи или директно на претставник на установата или во Кутијата за предлози и поплаки која ќе биде поставена.


WebOhrid / 22.05.2022 / ЈУНП Галичица