23/04/2024
Охрид

Во Охрид одбележан јубилејот 150 години од постоењето на Менделеевиот систем

НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид заедно со Почесниот конзулат на Руската федерација во Охрид се приклучи кон светското одбележување на јубилејот – 150-години од откривањето на Периодниот систем на хемиските елементи од страна на рускиот научник Дмитриј Менделеев.

mendelelev

Во негова чест УНЕСКО ја прогласи 2019 година, за година на Периодниот систем на Менделеев. Одбележувањето на овој јубилеј започна во јануари со голема свеченост во седиштето на УНЕСКО во Париз, а продолжува во текот на годината ширум светот со различни манифестации.

Во Библиотеката предавање за значењето на таблицата на Менделеев одржи проф. д-р Велимир Стојковски.

-Тој бил роден во Сибир во семејство од 17 деца. Неговиот татко бил професор, но го загубил видот и ја загубил и работата. Неговата мајка работела во фабрика за стакло и го издржувала семејството.

mendeleev

Татко му починал кога Дмитриј имал 13 години, а две години подоцна пожар ја уништил фабриката во која работела мајка му. Следната година, неговата мајка го однела од другата страна од земјата за да му обезбеди добро образование. Тој бил примен на универзитетот во Санкт Пeтерзбург.

Менделеев објавувал трудови пред да наполни 20 години, а присуствувал на првата хемиска конференција на 26 години. До средината на триесеттите години, тој бил преокупиран со класифицирање на 56-те елементи тогаш познати. По долго размислување, тој стигнал до креативното решение преку потсвеста.

mendeleev nova

Една вечер во февруари, по тежок работен ден, Менделеев го видел периодниот систем на сон. Соновите ги организираат идеите, сликите и информациите кои нè окупираат за време на будните часови. Така, неговите идеи и информации се собрале во неговиот сон. Менделеев во својот дневник запишал: „На сон видов табела кадешто сите елементи паѓаа на своето место. Будејќи се, веднаш го запишав тоа на лист хартија.“ , рече д-р Стојковски.

Настанот со интерес го проследија шеесетина  ученици и наставници  од основните училишта: „Кочо Рацин“, Живко Чинго“ и „Св. Климент Охридски“и други заинтересирани граѓани.