08/10/2024
Спорт

Започна летното државно првенство во пливање

По пауза од две децении, Охрид повторно е домаќина на пливачки натпревар. Вчера на СРЦ “Билјанини извори“ започна Летното државно првенство во пливање, во организација на Пливачката федерација на Македонија и Пливачкиот Клуб “Акваспирит“ од Охрид, а под покровителство на Општина Охрид. Во името на градот домаќин, пред присутните пливачи и гости  се обрати градоначалникот Кирил Пецаков.

– Искрено сум возбуден што можеме да присуствуваме на првенство во пливање во Охрид, кој покрај сите епитети кои ги заслужува, сеуште како ехо на минатото го носи и епитетот како пливачки град. Дозволете ми да ги упатам најискрените честитки на организаторите, на сите помагатели и вљубеници во пливањето, а посебна благодарност до компанијата КОСТАЛ за несебичната донација за овој спортски настан.

Јас како некогашен ракометар, знам што значеше да се има соодветна спортска сала и уште повеќе ми е јасно, што значи за пливачите да имаат свој затворен базен. Но, состојбата е таква што ние се уште сме во очекување тој да биде конечно целосно завршен. И во такви услови, локалната самоуправа со искрената посветеност кон спортот, се потруди да овозможи оптимални услови за одржување на првенството.

Почитувани присутни, ве уверувам дека во моментот кога Охрид конечно ќе го добие толку посакуваниот затворен базен, нашиот град повторно ќе изнедри врвни пливачи, идни олимпијци, а Охрид за секогаш ќе стане симбол на македонското пливање – истакна во своето обраќање Пецаков.

На првенството ќе земат учество 300 пливачи од 17 клубови од Скопје, Охрид, Штип, Куманово и Битола.Првенството е поделено во 22 дисциплини, во пет категории, во машка и женска конкуренција.

Drzavno_prvenstvo_plivanje_20220716007Drzavno_prvenstvo_plivanje_20220716009Drzavno_prvenstvo_plivanje_20220716008


WebOhrid / 17.07.2022 / Општина Охрид