28/04/2024
Охрид

40 години фолклорен ансамбл „Отекс фолк“

Со целовечерен свечен  концерт  што вечеравечер  се одржа во ЦК „Григор Прличев“ фолклорниот ансамбл  „Отекс Фолк“ од Охрид   одбележа 40 години од своето основање. 

Пред присутните се обрати градоначалникот Кирил Пецаков.

Задоволство и чест е да се присуствува на оваа свеченост на која одбележуваме  јубилејни 40 години од  основањето на фолклорниот ансамбл  „ОТЕКС  фолк“ од Охрид.  Јас верувам дека нема охриѓанец којшто не слушнал за ова фолклорно друштво, нема семејство  од  градов од кое барем еден член  не заиграл оро или не засвирил на некој инструмент во ансамблот „ОТЕКС“. Со вас растевме,  созревавме и  се  изградувавме  во  добри личности, а вие сите овие години умешно не учевте за  традиционалните културни вредности кои се белег на нашето постоење.   Преку универзалниот јазик на орото  и песната  40 лета  ја промовирате нашата  култура во Светов  ширејќи   мир помеѓу народите и  искоренувајќи ги  баналните предрасуди.  Преку вашите активности сваќаме  дека  уметноста нема граници, не познава  национални политики и недоразбирања.  Јазикот на  музиката  и танцот е  разбирлив на сите континенти. Низ разновидни песни, игри и обичаи, се гради мост на пријателства помеѓу земјите и народите, а истовремено се оживува минатото, поврзувајќи не со сегашноста. Затоа  драги основачи, играорци и музичари  кои во различни периоди сте биле дел од ансамблот ви благодарам за се што сте направиле за нас.  Вие го вградивте традиционалниот културен код во нас, а и одлично ја промовиравте нашава култура во Светот.Посакувам и во иднина да ви се множат многу успеси со желба преку танцот и музиката да освојувате уште многу  земји и меридијани– рече Пецаков.

Концертот беше проследен од бројна публика.


WebOhrid / 05.11.2023 / Општина Охрид