28/04/2024
Спорт

Гибралтар 0:2 Македонија

Македонската фудбалска репрезентација со победа ги започна натпреварите во УЕФА Лигата на нации. На гостувањето во Гибралтар, нашата репрезентација успеа да победи со 0:2 и да освои 3 бодови на самиот старт од ова ново натпреварување.

Немаше поголеми возбудувања на самиот старт од натпреварот кој започна мошне претпазливо, особено од нашите фудбалери, најверојатно поради фактот што теренот на стадионот во Гибралтар е со вештачка трева. Во 19 минута по нафрлувањето од Стефан Ристовски од десната страна Иван Тричковски биеше силно и прецизно и го постигна првиот гол за водство на Македонија од 0:1. По изведен корнер од Енис Барди во 35 минута топката заврши кај Езѓан Алиоски кој беше прецизен за водство од 0:2 за Македонија. Во финишот на првото полувреме нашата репрезентација имаше целосна доминација, продолжи да напаѓа кон голот на Гибралтар.

На полувремето беше извршена првата измена во нашите редови. На местото од Горан Пандев во игра влезе Илија Несторовски.

Второто полувреме започна слично како и првото со не многу атрактивна игра и со многу прекини. Втората замена за Македонија беше извршена во 68 минута, кога од игра излезе Александар Трајковски, а на негово место во игра влезе Елиф Елмас. Во 85 минута селекторот Игор Ангеловски ја искористи и третата последна замена за Македонија на овој натпревар, кога на местото од Енис Барди во игра влезе Егзон Белтулаи. Во судиското продолжение од натпреварот се играа 5 дополнителни минути, но резултатот остана 0:2 за победа на Македонија.

Во Групата 4 од Лигата Д, покрај овој натпревар помеѓу Гибралтар и Македонија, се одигра и дуелот помеѓу Ерменија и Лихтенштајн, натпревар кој Ерменија го доби со 2:1.

Наредниот натпревар Македонија ќе го одигра против Ерменија на Националната арена „Филип Втори“ во Скопје, во недела (09.09.2018) со почеток во 18:00 часот.

WebOhrid