14/10/2024
Охрид

Прекрасна вечер со музика на Бах

Прекрасен концерт, голем интерес од страна на публиката и дела од Бах кои беа прецизно изведени, ваков беше амбиентот синоќа црквата „Света Софија“ каде музицираа големите руски уметници Александар Књазев, Сергеј Крилов и Николај Лугански.

Руското трио изведе прилично тешка програма но со впечатлива интерпретација преку што можеше да се почувствува длабочината на творечкиот дух на врвниот композитор Јохан Себастијан Бах.

-Се чувствувавме навистина комфорно на оваа сцена но програмата беше многу тешка дури и за луѓето кои потполно владеат со инструментите. Секако, ние уживавме но не е доволен целиот живот за да ја доловиме  оваа музика. Многу ми е мило што свиревме совршено и моите колеги навистина ме поддржаа со свирењето. Успеавме и публиката да ја задржиме во оваа вечер на Брамс, изјави виолинистот Сергеј Крилов.

Волшебното музицирање, лириката и тоналната убавина во свирењето припаѓаат на квалитетите што му го обезбедија местото на Сергеј Крилов меѓу најреномираните изведувачи на денешницата.

Лауреатот на бројни интернационални натпревари, Русинот Александар Књазев е еден од најдобрите виолончелисти на денешницата. Неговите настапи низ светот постојано добиваат одобрувања од публиката и критиката..

Николај Лугански критичарите го опишуваат како пијанист со исклучителна префинетост и чувствителност, со „кристална убавина“ во свирењето слична на онаа што ја имале големите Моцарт и Шопен, како и виртуозност што потсетува на Рахмањинов и на Прокофјев.